Груби за одлуката на УНЕСКО: Да работиме заедно за да нема повторно слични ситуации
Да ја исполниме обврската и да ги спроведеме препораките, како и да работиме заедно за да немаме слични ситуации во иднина, вели првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, во врска со одлуката на УНЕСКО со која Охридскиот регион останува на листата на заштитени подрачја.
Груби во објавата на својот фејсбук-профил пишува дека комитетот на УНЕСКО ги признал нашите напори и го одобрил предложениот амандман за завршување на започнатата работа и целосно спроведување на препораките и ги поканува сите странки за соработка и за придонес за заштита на езерото и целиот регион.
– Ова е признание за напредокот за зачувување на вредностите на Охридскиот регион, но и најсилно предупредување дека сите мораме да се вложуваме и постојано да го штитиме охридското, македонското, светското наследство, порача премиерот Зоран Заев. Тој во објавата на својот фејсбук-профил наведува дека во периодот што претстои, заедно со Албанија, ќе ја засилат соработката и координацијата со Центарот за светско наследство и советодавните тела на УНЕСКО, како и со Европската Унија и другите стратешки партнери, со цел соодветна рехабилитација и за бескомпромисна имплементација на Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион.
– Северна Македонија продолжува со исполнување на препораките на УНЕСКО и одлуките на Комитетот за светско наследство и во соработка со општинските власти во Охрид, Струга и Дебрца и со граѓаните, ќе продолжиме да работиме посветено во таа насока.Го штитиме нашето природно и културно наследство затоа што тоа е наше и светско културно наследство кое треба да го предадеме и на идните генерации. Според него, со заштитата според највисоките стандарди од препораките на УНЕСКО за Охридско-струшкиот Регион го подобруваме и квалитетот на живот на граѓаните и го афирмираме владеењето на правото, напиша Заев.