Гробиштата Камник добиваат сообраќајно решение


default

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски денеска сподели дека започнала реконструкцијата на пристапниот пат кон гробиштата Камник, оценувајќи го како проект што предолго се чекал.

„Ова не е само уште една градежна активност, туку исполнување на едно децениско барање на граѓаните. Во првата фаза инвестираме 8.164.884 денари, средства обезбедени преку вториот јавен повик на Владата на Македонија. Веднаш продолжуваме со дополнителни 7.000.000 денари од буџетот на општината за целосна доизградба на улицата“, истакна Стефковски во објавата на Фејсбук.

Со овој проект, како што вели тој, пристапот до гробиштата Камник конечно добива современо и функционално сообраќајно решение.

„Се воспоставува кружен тек со влез од улицата Јужноморавски бригади и излез кон Сингелиќ кај Клакер. Решение што значи поголема проточност, помал метеж и безбедно движење за сите учесници во сообраќајот. Паралелно, како општина сме во постојана комуникација со АД Бутел, во тек е подготовка на урбанистичко-планска документација која ќе овозможи проширување на гробиштата и изградба на капела“ објаснува градоначалникот, додавајќи дека се става крај на дологодишните гужви, сообраќајниот хаос и метежот.

Тој порача дека се создава простор каде што граѓаните ќе можат мирно и без стрес да им оддадат почит на своите најблиски.