Грковска: Криминалот очигледен, законите со „дупки“
Криминалците се жилави во изигрување на законот и мора да работиме на минимизирање на просторот за маневри кога станува збор за избегнување на одговорност и зачувување на криминално стекнатиот имот, истакна заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на јавната расправа за предлог Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка, која денеска се одржува во Клубот на пратеници.
Грковска посочи дека донесувањето на едно вакво законско решение е неопходно во нашиот систем како дополнителен антикорупциски механизам. Според неа праксата покажува дека поради постоечките празнини во легислативата недоволно се санкционира коруптивното и криминално постапување, дури и во случаи кога криминалот е очигледен, а имотот несразмерен на законски стекнатите приходи.
Предлог Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка цели кон заштита на јавниот интерес на Македонија на начин што се оневозможува каква било корист од имот, за кој, во постапката согласно овој закон, ќе се утврди дека не бил стекнат од законски извори. Со овој закон се ограничува правото на сопственост во согласност со Уставот, законот и меѓународните стандарди и праксата на ЕСЧП за овој вид на конфискација.
Истакнувајќи ги придобивките од законот, вицепремиерката Грковска нагласи дека тој не претставува замена за конфискацијата во кривична постапка, туку е дополнителен помошен инструмент и механизам. Таа дополни дека особено е важно што со законот се предвидува можност конфискуваниот имот во граѓанска постапка да биде даден на користење за остварување на социјалните потреби и цели во општеството.
„Ние сме мала земја, со многу јавни тајни, а многу малку разрешници. И тоа придонесува за уште поголемо чувство на немоќ на обичниот граѓанин, но и драстично ги изместува клучните вредности во заедницата. Па така доаѓаме до ситуации кога тие што отворено ги манифестираат плодовите на својот криминал, да бидат рол модели за нашите млади. И токму оваа фактичка ситуација треба да ни биде најголемиот мотив за да го подобриме пристапот и механизмите во справувањето со корупцијата и организираниот криминал и да воведуваме конкретни алатки со кои оваа борба ќе стане поуспешна и со повидливи резултати“, изјави Грковска.
Новото решение треба да овозможи конфискација на имот за случаи каде што досега имаше правни пречки во постапката, како на пример на осудени лица кои се амнестирани или им застареле делата со новиот Кривичен законик. Тие лица и натаму имаат нелегално стекнат имот. Новиот модел треба да ги оневозможи досегашните правни пречки, вели шефот на скопското Јавно обвинителство обвинител Гаврил Бубевски.
-Досега смрт, бегство, амнестија, помилувања, застарувања на делата, беа дел од правните пречки кога се поведуваше постапка околу одземање на имотот, кој не е легално стекнат – посочи Бубевски.
Исто така законот треба да ги затвори можностите да се извлечат од одземање имот оние што имаат имот во странска држава. Со законот треба да им се затвори последната можност за извлекување на оние со нелегален имот во вредност од над 50 илјади евра. Постапката е граѓанска, а не кривична – се однесува само на одземање на нелегално стекнат имотот кој потоа треба да биде префрлен во сопственост на државата, а дел од парите треба да се пренаменат за ранливи категории на граѓани.