Грковска – Агелер: Транспарентноста е клучот за кредибилни и ефикасни институции


Унапредувањето на транспарентноста е клучот за решавање на многу проблематични точки во системот, бидејќи на тој начин јакне кредибилитетот на институциите и истовремено се штитат вистинските професионалци кои се дел од нив, констатитале вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска и амбасадорката на САД во Северна Македонија, Анџела Агелер на денешната работна средба.

 Како што соопшти владината прес-служба, двете соговорнички разговарале за низа актуелни теми поврзани со владеењето на правото и реформските процеси во земјава.

Во оваа насока, била истакната и важноста на воспоставувањето цврст систем на заслуги при изборот на носители на функции и јавни службеници, при што токму транспарентноста на изборот и процедурите е од суштинско значење и ја зголемува довербата на граѓаните во институциите.

Вицепремиeрката Грковска се заблагодарила за севкупната поддршка на ова поле и го истакнала значењето на стратешкото партнерство со САД во спроведувањето на клучните реформски политики.

Грковска ја информирала Агелер за активностите коишто ги предводи нејзиниот Кабинет, вклучително и за предложените законски решенија што се во финална фаза на подготовка, а кои целат кон јакнење на антикорупциските механизми и алатки, како и кон одржливо вградување на принципите на добро владеење во јавниот сектор.

На состанокот се разговарало и за состојбата во правосудството и структурните промени кои се неопходни за да се надминат бројните предизвици на ова поле, а од кои зависи успехот на заедничките заложби за напредок во справувањето со криминалот и корупцијата во земјава.