Грета Тунберг на насловницата на првиот скандинавски „Вог“: Скапите кампањи се нефер


Климатската активистка Грета Тунберг го искористи своето појавување на насловната страница на првиот број на списанието Vogue Scandinavia за да ја критикува брзата мода.

Шведска– „Модната индустрија во голема мера придонесува за климатската и еколошката криза, а да не зборуваме за нејзиното влијание врз безброј работници и заедници низ целиот свет, за да можат некои да уживаат во брзата мода, која многумина ја третираат како производ за еднократна употреба“, напиша Грета Тунберг на социјалните мрежи.

Некои луѓе во модната индустрија користат скапи кампањи, вели таа, за да остават впечаток на светот дека се одржливи, климатски неутрални и фер.

URL

Речиси секогаш станува збор за злоупотреба на зелениот имиџ, рече Швеѓанката, мислејќи на мерките што ги преземаат компаниите за да го претстават својот бизнис како еколошки одржлив, а всушност тие не прават ништо позитивно за самата животна средина.

„Не можете масовно да произведувате мода и да консумирате ‘одржливо’. Тоа е една од многуте причини зошто треба да го смениме системот“, вели Грета.

Во интервју за Вог, Грета Тунберг изјави дека со години не купила нова облека.

„Последен пат купив нешто ново пред три години, од продавница за облека од втора рака. Само позајмувам работи од луѓе што ги познавам“, вели таа.

Самото списание во јавна изјава наведе дека ги споделува вредностите за одржлив живот и заштита на животната средина на младата климатска активистка, а облеката што Грета Тунберг ја носи на насловната страница на познатото списание е изработена од одржливи и рециклирани материјали.