„Грците ги зафати хистерија околу Преспа“: Мицкоски за пораките од Атина


 

Пораките што стигнуваат од Грција околу почитувањето на Преспанскиот договор и употребата на уставното име, вклучувајќи ги и оние од премиерот Киријакос Мицотакис, Христијан Мицкоски ја нарече„хистерија“, но не очекува Атина да има „талибански однос“.

„Претпоставувам хистеријата кај јужниот сосед е поради изборите, не очекувам талибански однос. Сѐ што е дел од Преспанскиот договор, Владата ќе го почитува. Вклучително и решенијата за пратеници, ги добивме со придавката. Но мое човеково право загарантирано со многу конвенции е правото на слобода и изразување и говор“, рече Мицкоски, откако денеска ВМРО-ДПМНЕ ги предложи во Собранието по скратена постапка измените на Законот за организација на работата на органите на државната управа, со коишто ќе се прави нова реорганизација на владата.

Христијан Мицкоски рече дека во изјавите ќе продолжи да користи Македонија, бидејќи тоа му е татковина, а на Самитот на НАТО ако се отвори тоа прашање, ќе порача дека сака да гради мостови со сите соседи.

„Мојата татковина е Македонија и ќе остане Македонија. Комуникацијата која е дел од Уставот и законите, ќе остане додека тие се во сила“, додаде Мицкоски.

„Македонија и народот се мирољубиви и гостопримливи. Така се однесувале, очекувам така да се однесуваат и нашите соседи – да соработуваме и негуваме добрососедски односи“, кажа Мицкоски на прес-конференција во Собранието.