Грчко-бугарски фрустрации место дебата за Македонија во ЕП

Бугарските европарламентарци добија ветер во грб од грчките радикали кои тврдеа исто така дека македонскиот јазик и идентитет се вештачки, а Македонија е една и грчка


Известувачот за Македонија во ЕП, Томас Вајц

 

Расправата за извештајот на Томас Вајц за прогресот во Македонија кон Европската унија  допре ново политичко дно. Освен тоа што се изредија бугарските европарламентарци за да кажат дека Европскиот парламент не треба да решава за нечиј јазик и идентитет (откако тоа истото го бараа од Европскиот совет кога се пишување Преговарачката рамка), освен што го драматизираа судскиот процес против претседателот на бугарскиот квази културен клуб „Ванчо Михајлов“, добија ветер во грб и со настапите на грчките европарламентарци од радикалните партии кои изјавуваа дека Македонија е една и е само грчка, па соодветно на тоа нашата нација била фејк, а не вистинска.

Тоа го предизвика известувачот Вајц да ги повика европарламентарците утре да гласаат „конструктивно, обединето и европски“, порачувајќи дека Македонија е фантастична земја, дека направила многу, иако има уште многу да направи, и дека треба да имаат  предвид дека проширувањето е стратешка цел на ЕУ, а не арена за билатерални прашања. 

Дебатата на моменти звучеше како расправа од средниот век, што го исповоцира Вајц, исто така, да ги потсети дека ЕУ всушност е создадена за земјите да ја остават историјата назад, заради општиот и заеднички интерес.

На расправата учествуваше и еврокомесарката за проширување Марта Кос, која беше среќна дека конечно по три години има извештај за Македонија од Европскиот парламент. Таа притоа порача дека ЕУ и натаму ќе ја помага Македонија да продолжи со преговорите и да стане земја членка, веднаш откако ќе ги направи уставните реформи. 

Преставувајќи го извештајот, Вајц потсети дека Македонија беше единствената што не учествуваше во војните во бивша Југославија, дека е мултиетничка и мултирелигиска, а сепак успеала да ги изменаџира внатрешните односи и дека била на врвот на листата за кандидати во ЕУ со Словенија запрашувајќи потоа – а каде е сега таа, а каде Словенија?

Тој нагласи дека Македонија се соочуваше со пречки поврзани со односите со соседите, но јасно им порача на европарламентарците дека добрососедските односи можат да се градат со учество на двете земји, а не само едната. Наспроти напорите на бугарските европратеници да ја престават во негативно светло нашата држава, Вајц рече дека таа покажала дека е лојален партнер и дека сто отсто ја следи надворешната политика на ЕУ, за потоа да побара забрзување на нашиот евроинтеграциски процес. 

„Северна Македонија изобилува со воодушевувачко природно богаство“, порача егзалтирано Вајц, додавајќи дека земјата сепак има проблем со менаџирање на отпадот и со загадувањето на воздухот. Тој притоа нагласи дека тоа за што расправаат е извештај за напредокот на Македонија на патот кон ЕУ и дека за таа тема треба да зборуваат.

Кос накратко порача дека единствен начин да се продолжат преговорите е да се направат уставните измени, додавајќи дека Македонија работи и на Акцискиот план за малцинствата за кој, како што рече, ќе ѝ бидат потребни консултации. И, според нејзина оценка, Македонија е решена цврсто да ја следи надворешната политика на ЕУ, порачувајќи дека покрај тоа треба да ја зајакне борбата против корупцијата, владеењето на правото, медиумската слобода, јавната администрацијаи – а заради тоа, пак, е потребно да го продолжи евроинтеграцискиот процес. 

Реутен Тијс во име на Групата на социјалистите и демократите го оцени извештајот на Вајц како сеопфатен и балансиран, додавајќи дека по сѐ што помина Македонија, ја разбира фрустрацијата кај нас. Тој побара од Европскиот совет (земјите членки) да воспостават јасен пат за членство за нашата држава без дополнителни условувања, обраќајќи ни се директно со зборовите дека „македонскиот јазик и македонскиот идентитет постојат и Европскиот парламент ги почитува“.

Друг европарламентарец исто така појасни  дека ЕП не е во „бизнисот“ на утврдување национални јазици и идентитети, практично толкувајќи зошто се бара со амандман да се извадат „македонскиот јазик и идентитет“ од текстот утре на гласањето. 

На таа тема бугарските европарламентарци од радикалните партии паднаа во транс, а еден од нив, Петар Волгин од крајно десничарската Преродба рече дека Македонија не ги ни исполнува условите за преговори, дека омразата и криминалните напади врз граѓаните што се изјаснуваат како Бугари најчесто не се казнуваат и дека не му е јасно зошто „автократите“ од ЕУ сакаат да биде членка. Грчката европарламентарка Афродити Латинопулу, како на митинг, рече дека таа е „вистинска горда Македонка“, дека нашите тврдења се искривување на историјата, дека Алексис Ципрас потпишал национална капитулација  за јазикот и историјата и дека јазикот ни е бугарски дијалект. Латинопулу е лидерка на крајно десничарската партија Глас на разумот. Според неа, ние имаме фабрикувана историја и идентитет заснован на неа, па порача дека не постои македонски идентитет и јазик, дека никогаш и не постоел и дека „Македонија е грчка“. 

На ваквите отворени националистички испади реагираа неколку европарламентарци, при што еден од нив оцени дека се очигледни напорите да се понижи Македонија, додавајќи дека тие што именуваат клубови по имиња на нацисти и треба да бидат судени и казнети, алудирајќи на Љупчо Георгиевски кој, според Андреј Ковачев, бил присутен на расправата во ЕП. 

„Ова е патување кон ЕУ на земја што е понижена“, оцени друг европарламентарец, забележувајќи, сепак, дека ова не е извештај за македонскиот јазик и идентитет, порачувајќи ни директно – да не веруваме воопшто дека ЕП сака да ни ги оспори. За да биде поуверлив на чист македонски јазик рече „благодарам“ на крајот на говорот.

Генерално, повеќето бугарски европарламентарци велеа дека сакаат Македонија да стане членка  на ЕУ, а Кристијан Вигенин од БСП рече дека се наши пријатели и дека владата треба да престане да бара изговори за да не ги продолжи преговорите со ЕУ. Тој нѐ повика да „инвестираме во заедничка иднина“ наместо да се бавиме со минатото, оценувајќи дека овој извештај ќе остане запаметен по скандалите, а не по содржината.

Ивајло Валчев од Има таков народ запраша во која земја се оди во затвор  за цитирање историска фигура, а граѓани се казнуваат зошто се изјаснуваат како Бугари, повикувајќи ги властите кај нас да му свртат грб на „господарот во Белград“.

„Мицкоски ве лаже “, извика тој, тврдејќи дека ставањето на Бугарите во „сите делови од Уставот“ не е е никаква закана за нашиот идентитет. Станислав Стојанов од Преродба забележа дека за првпат ЕП сакал да признае јазик и идентитет, порачувајќи дека „народот во Северна Македонија зборува само еден јазик – бугарски, бидејќи сме еден народ“.

Андреј Ковачев од ГЕРБ оцени дека „политичарите во Скопје систематски го саботираат процесот на преговорите со популизам и национализам, па ги повикаа македонските власти да не го трошат времето на граѓаните и да ги продолжат преговорите што поскоро“. Како врв на политичко лицемерие тој изрази надеж дека нивната слобода (во Бугарија)  наскоро ќе дојде и во Македонија, повикувајќи ја ВМРО-ДПМНЕ да го направи неопходниот чекор, т.е. уставните измени. 

За извештајот на Вајц, според агендата, ќе се гласа утре напладне, но исходот е речиси јасен.