Грчката полиција го „чисти“ патот од други возила за амбулантните со пациенти од Македонија


Грчката полиција го ослободува патот од други возила, за да може амбулантни возила да стигнат што е можно побргу до нивните клинички центри каде се пренесуваат дел од повредените пациенти во трагедијата во дискотеката во Кочани.

„Трите медицински транспортни возила на „Аџибадем Систина“ кои напладне вршеа меѓународен транспорт на поврдените пациенти од КАРИЛ до здравствена институција во Солун, итно се враќаат назад за да помогнат во уште една акција за испраќање на повредени пациенти кои ќе се транспортираат во здравствена институција во Турција.
Упатуваме благодарност за поддршката која ни ја дава грчката полиција, која го ослободува патот од други возила, за да може нашите амбулантни возила да стигнат што е можно побргу“, соопштија од „Аџибадем Систина“.

По трагичната несреќа и телефонската комуникација меѓу грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски,  со координирани акции на министерствата за надворешни работи, здравство, цивилна заштита и Итната медицинска помош, Грција ги презеде сите пациенти со изгиреници што беа побарани од Европскиот механизам за цивилна заштита.

Сите 18-те повредени ќе бидат згрижени во болницата „Папаниколау“ во Солун и во воените болници во Атина и Солун. Во болницата „Папаниколау“ веќе се лекуваат тројца тешко повредени од 25  со големи изгореници, од кои на еден веќе му е извршена операција.