Граѓаните на ЕУ отсега ќе можат да тужат за загаден воздух
Советот на Европската унија денеска усвои директива со која се воведуваат нови стандарди за квалитет на воздухот и построги ограничувања за најголемите загадувачи, со што се приближува до насоките на Светската здравствена организација.
Новите правила треба да придонесат за целта на ЕУ за нулта загаденост до 2050 година и да помогнат да се спречат предвремените смртни случаи од аерозагадувањето. Се проценува дека околу 300.000 луѓе годишно умираат во Европа како резултат на загадениот воздух.
Изменетата директива предвидува и дека граѓаните можат да бараат компензација во случаи кога непочитувањето на правилата на ЕУ за квалитетот на воздухот предизвикува оштетување на нивното здравје.
„Новата директива обезбедува фер и еднаков пристап до правдата за оние кои се засегнати или веројатно ќе бидат засегнати од спроведувањето на директивата. Земјите-членки треба да обезбедат граѓаните да имаат право да бараат и да добијат компензација кога нивното здравје е оштетено поради прекршување на правилата за квалитет на воздухот утврдени во директивата“, се наведува во соопштението на Советот на ЕУ.
Новите стандарди, кои треба да се постигнат до 2030 година, опфаќаат загадувачи како PM10 и PM2,5, азот диоксид и сулфур диоксид, кои предизвикуваат респираторни проблеми.
Стандардите ќе бидат повеќе усогласени со упатствата на СЗО, така што, на пример, за ситните честички PM2.5, кои се одговорни за најголемиот број предвремени смртни случаи во Европа, годишната гранична вредност ќе се намали од 25 μg/m³ на 10 µg /m³, додека СЗО препорачува 5 µg/m³.
Директивата предвидува подобрувања во следењето и моделирањето на квалитетот на воздухот и редовна ревизија на стандардите за квалитет на воздухот во согласност со најновите научни докази.
Советот на ЕУ најави дека земјите-членки можат да бараат одложување на рокот до 2030 година доколку се исполнат конкретни услови. Земјите-членки имаат рок од две години да ја пренесат директивата во националното законодавство.