Градот Париз казнет бидејќи има премногу жени на раководни функции
Градските власти во Париз се казнети за вработување премногу жени на високи позиции, одлука што во вторникот ја исмејуваше како апсурдна градоначалничката Ана Идалго.
Казната од 90.000 евра ја побара Министерството за јавни служби на Франција со образложение дека градското собрание на Париз ги прекршило националните правила за родов паритет во бројот на вработени од 2018 година.
„Среќна сум што објавувам дека сме казнети“, рече Идалго, член на Социјалистичката партија, на состанокот на градскиот совет, додавајќи дека била исполнета со радост кога дознала за казната.
Идалго рече дека е виновна затоа што 11 жени и само пет мажи биле именувани на раководни позиции во градското собрание во 2018 година, што значи дека 69 отсто од именувањата биле на жени.
„Управувањето со градското собрание стана, одеднаш, премногу феминистичко“, рече Идалго, кој беше реизбрана за нов мандат на чело на Париз минатата година.
Според текстот на пресудата цитиран од „Монд“, градското собрание го прекршило правилото што датира од 2013 година, според кое еден пол не треба да претставува повеќе од 60 проценти од номинациите на раководните позиции.
Идалго рече дека чекот за парична казна ќе ја однесе лично до владата, заедно со нејзините заменици градоначалници и сите жени кои работат за неа.
Земајќи посериозен тон, таа додаде: „Оваа казна е очигледно апсурдна, нефер, неодговорна и опасна“, додавајќи дека жените во Франција треба да се промовираат со „енергичност затоа што заостанувањето насекаде во Франција е сè уште многу големо“.
„Да, за еден ден да постигнеме паритет, мора да го забрзаме темпото и да осигураме дека се назначени повеќе жени отколку мажи“, рече таа.
Одговарајќи на Твитер, министерката за јавни услуги на Франција, Амели де Моншален од владејачката партија призна дека казната е одредена за 2018 година. Оттогаш беше укинато апсурдното правило за паритет во управувањето, истакна таа.
„Сакам паричната казна да ја плати Париз за 2018 година за да финансира конкретни активности за унапредување на жените во јавната служба. Ве поканувам во министерството да разговараме за нив “, рече таа во пораката до Идалго. (АФП)