Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, го нарече американскиот напад врз Венецуела чин на војна


Зохран Мамдани, кој ја презеде функцијата градоначалник на Њујорк претходно оваа недела, го нарече американскиот напад врз Венецуела чин на војна и оцени дека тој го прекршил меѓународното и федералното право на Соединетите Американски Држави.

„Едностраниот напад врз суверена држава е чин на војна и прекршување на федералното и меѓународното право. Ова отворено барање за промена на режимот не влијае само на оние што се во странство, туку директно влијае и на жителите на Њујорк, вклучувајќи десетици илјади Венецуелци кои го нарекуваат овој град свој дом. Мојот фокус е на нивната безбедност, како и на безбедноста на секој жител на Њујорк, а мојата администрација ќе продолжи да ја следи ситуацијата и да дава релевантни насоки“, рече Мамдани.

Голем број луѓе од Венецуела живеат во најголемиот американски град, а тој број значително се зголеми во последните три години. Мамдани, инаку левичарски политичар, беше критикуван затоа што се двоумеше да го нарече венецуелскиот претседател Николас Мадуро диктатор во едно интервју. Сепак, по тоа тој рече дека Мадуро е диктатор, објавува CNN.

Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес беа уапсени за време на американскиот воен напад врз Венецуела, кој се случи денес два часа по полноќ. Мадуро ќе биде приведен во затвор во Њујорк, а тој и Флорес се обвинети за соработка со нарко-картели.