Градоначалникот Костадинов бара разрешување на сите членови на Организацискиот одбор на Струмичкиот карневал


Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, денеска преку објава на неговиот фејсбук-профил соопшти дека на првата наредна седница на Советот ќе побара да бидат разрешени сите членови на Организацискиот одбор на Струмичкиот карневал.

Објавата доаѓа пред одржувањето на Интернационалната карневалска поворка, најважен настан на Струмичкиот карневал, што се одржува вечерва, а како што наведува Костадинов, немал дилеми тоа да го соопшти токму денеска, на денот на главната карневалска вечер, за да било јасно и прецизно тоа што многу сериозно го говорел.

Според струмичкиот градоначалник, карневалот е составен дел на, како што пишува „нашиот идентитет и никој ама баш никој нема право да го чепка, разурнува или да прави груби обиди за партизација“.

– Сметам дека е време за одлуки. Карневалскиот одбор е тело во состав на Советот на Општина Струмица. Денеска го известив претседателот на Советот дека на прва наредна седница ќе поднесам точка со што сите членови на карневалскиот одбор ќе бидат разрешени. Се надевам дека предлогот ќе биде прифатлив за огромно мнозинство на Советот. Дополнително, нови членови да се изберат по пат на јавен повик, каде ќе можат да се пријават луѓе, локал патриоти вљубеници во културата, млади, кои сакаат да го градат духот на карневалот така како што заслужува Струмица, напиша Костадинов.

Од Организацискиот одбор на Струмичкиот карневал не сакаа да ги коментират најавите од Костадинов за нивна смена. Само кратко изјавија дека за нив, најважно е да ги завршат сите планирани активности и настани до завршувањето на осумдневните карневалски празнувања, па потоа ќе излегле со свој став.