Градоначалниците удрија на „леб и игри“, но што е со клучните проблеми

Различни забави се организираат речиси секојдневно од страна на локалните самоуправи, но колку тоа може да ги покрие проблемите со кои се соочуваат граѓаните. Општините годишно губат меѓу 100 до 120 милиони евра, затоа што несоодветно си ги собираат сопствените извори на финансирање


Општинските татковци удрија на забава – речиси секојдневно се одржуваат или се во најава концерти, перформанси, журки… Вистински период на „леб и игри“ во пресрет на локалните избори оваa есен, додека клучните проблеми на граѓаните остануваат на маргините.

Вниманието на младите летово се привлекува со звучни домашни, но и меѓународни музички ѕвезди, што во овие летни пеколни горештини доаѓа како вистинско освежување, ослободување од дневните стресови и можност за дружење и забава. Ако згора на тоа се придобие и довербата на младата популација за гласањето наесен, дотолку подобро. Формулата е идеална – со општински пари (читај со средства што се прибираат од граѓаните), или можеби од некои спонзори блиски на локалните структури, се организираат забави со кои се крева рејтингот на оние кои треба да излезат на следните локални избори. Притоа, кон оваа формула се приклонуваат од различни политички провиниенции.

Еве само неколку примери на она што се одржа, или е во најава.

Вчера во Општина Кисела Вода младите добро се забавуваа на настапот на славниот диџеј Роџер Санчез. Настанот беше „спакуван“ како дел од прославата на 70. роденден на Општината и како отворање на Културното лето 2025, што се реализира под симболичниот слоган „Се’ на свое место“, иако жителите на оваа општина тешко дека би се согласиле со една ваква констатација, имајќи го во предвид урбанистичкиот хаос, кој за волја на вистината не може да се припише исклучиво на сегашната локална самоуправа, туку влече корени со години, па и децении наназад.

Патем, интересна е и процената за посетеноста – од општината тврдат дека имало над 30.000 посетители од цело Скопје, „од цела Македонија, како и од соседна Србија, Бугарија и Грција“, иако од приложените фотографии излегува дека е многу помалку. За споредба Градскиот стадион во Скопје, односно Националната арена „Тодор Проевски“ има капацитет од 33 илјади гледачи.

И Општина Центар е во филмот на организирање на културно-забавни манифестации. Така, за утре Горан Герасимовски ги поканува сите скопјани во Градскиот парк на музички настан „Центарска симфонија“, порачувајќи дека „ќе се сплотиме ‘Заедно’ со емоции и музика, во Центар, во срцето на нашето Скопје“.

„Ваквите настани се потсетник дека Центар е и ќе остане културното срце на Скопје“, вели Герасимовски, што можеби е во право, ако под ова го подразбира и хаосот што се толерира во срцето на општината каде што кафеанџиите се распостилаат и каде што треба и каде што не треба, се вади опрема за диџеи на тротоари и се пушта гласна музика преку цел ден до доцна во ноќта, каде што сообраќајниот хаос ги излудува жителите…

Годинава во средиштето на политичките игри на централната со локалната власт се најде и еден повеќегодишен традиционален фестивал кој ужива репутација меѓу младите. Станува збор за Д-фестивал, најголемиот летен open-air музички фестивал во Македонија кој по 17 години оваа година ќе се одржи во Штип со прилично гламурозна програма, наместо во Дојран како до сега.

Иако тоа никој јавно не го посочи, плус организацијата на фестивалот е на приватна продукција, а не е општинска, сепак „боде во очи“ фактот дека градоначалникот во Дојран е од редовите на СДСМ, а Штип е под „контрола“ на ВМРО-ДПМНЕ. Дојран, исто така, нема да остане покус, па и таму е најавено продолжување на традицијата со малку изменет назив на фестивалот, кој, како што напиша на фејсбук профилот дојранскиот градоначалник, „мириса на лето, слобода, музика, љубов и Дојран“, што алудира и на пристоен политички слоган.

И во други градови се одржуваат забави под ѕвездено небо, како на пример во Битола и други места, настани кои се поддржани од општините.

И сето ова би било сосема во ред (ако ништо друго, оние граѓани кои не можат да си дозволат да одат на море, да имаат можност колку толку да се забавуваат) , но доколку и другите работи во градовите и населените места во земјава би биле што се вели „на место“. Но, во сенка на ваквите настани остануваат бројни проблеми со кои секојдневно се соочуваат граѓаните. Еден жител на Скопје, коментирајќи го вчерашниот настан во Кисела Вода, праша, што доколку, не дај боже, во тој момент избувнеше пожар во некоја од зградите во околината, начичкани една до друга, со блокирани улици од автомобили и невозможен пристап. Хаосот во урбанизмот, не само во Кисела Вода, не дозволува брз пристап до ваквите локации и на други интервентни возила (брза помош на пример) и во регуларни околности, а не пак кога се одвиваат вакви настани.

Проблемите на општините не се само во урбанизмот, туку во финансиите, комуналните услуги, екологијата…

Пред само неколку дена министерот за локална самоуправа Златко Перински изјави дека општините годишно губат меѓу 100 до 120 милиони евра, затоа што несоодветно си ги собираат сопствените извори на финансирање.

„Она што го имаме детерминирано како аномалија, тоа е дека во моментот просекот на наплата од сопствени извори на финансирање од страна на локалните самоуправи е нешто повеќе од 50 проценти. Или да бидам попрецизен. На годишна основа, општините губат од 100 до 120 милиони евра, затоа што несоодветно си ги собираат сопствените извори на финансирање“, нагласи Перински на панел-дискусија по повод една година Влада, насловена „Ги градиме темелите на промените. За твоето време кое доаѓа“.

Оваа изјава на најдобар начин ги разоткрива вистинските предизвици со кои треба да се соочат локалните самоуправи, но и целиот апсурд со унгарскиот кредит и помагањето на општините со милиони евра за финансирање на локални проекти.

Пазете ја математиката – државата позајмува пари од странство, кои ги дава на општините, и кои ќе треба со камата да ги враќаме сите, иако општините истите тие пари, и многу повеќе, можат да ги обезбедат од сопствени извори.

Но, очигледно, многу е полесно на народот да им се дадат „леб и игри“, и со такви настани да се ловат политички поени, наместо да се засукаат ракавите и локалните самоуправи со помош на централната власт да работат на што подобро прибирање на приходите, кои законски им следуваат на општините.

А, од така прибраните средства, многу подобро ќе може да се решаваат проблемите и во урбанизмот и во екологијата, а се разбира и да се организираат добри забави.