Градење на деловниот интегритет преку јавно-приватната соработка е решение за борба против корупцијата
Францускиот фонд за борба против корупција (FLCC), во соработка со Амбасадата на Франција и М6 Едукативен центар, успешно го организираа Форумот за деловен интегритет, кој обедини високи претставници на Владата, бизнис заедницата, клучните институции, меѓународните организации, академската заедница и граѓанското општество со цел унапредување на дијалогот за интегритетот, транспарентноста, отчетноста и борбата против корупција.
Под мотото “Деловен Интегритет Преку Јавно-Приватната Соработка“, Форумот испрати јасна порака дека корупцијата не може да се надмине само преку дејствување на институциите.
Одржливиот напредок бара широка обединетост на Владата, бизнис секторот, академската заедница, граѓанското општество и меѓународните партнери, кои заеднички ќе придонесуваат за напредок на дијалогот за интегритет, транспарентност, отчетност и борба против корупцијата. Градењето доверба претставува основа на овој процес-доверба во институциите, доверба меѓу јавниот и приватниот сектор, довербата на граѓаните дека успехот се темели на знаење, труд и интегритет. Бидејќи без доверба нема силни институции, нема одржливи инвестиции, ниту долгорочен економски и општествен развој.
Во период кога Република Северна Македонија го забрзува процесот на европска интеграција, настојува да привлече поголеми инвестиции, да ја зајакне економската конкурентност и да го поттикне одржливиот развој, учесниците истакнаа дека интегритетот не треба да се гледа единствено како обврска за усогласеност, туку како стратешки двигател на економски раст, доверба на инвеститорите, институционалната доверба и долгорочниот просперитет.
Настанот го отвори Елена Младеновска Јеленковиќ, Главен извршен директор на М6 Едукативен центар, Стефан Андоновски, Министер за Дигитална трансформација, Кристофер Ле Риголер, амбасадор на Франција во Република Северна Македонија, Полин Жирар, Заменик директор за управување во Expertise France и Светозар Јаневски, Претседател на Управниот одбор на Винарија Тиквеш.

Преку четири тематски панели, учесниците разговараа за улогата на јавните институции во спречувањето на корупцијата, значењето на колективната акција помеѓу јавниот и приватниот сектор, примената на меѓународните стандарди за усогласеност, како и практичните искуства на организации кои успешно воспоставиле системи за интегритет и управување со ризици.
Дискусиите беа насочени кон транспарентноста во јавните набавки, дигитализација на јавните услуги, заштитата на укажувачите, корпоративните програми за усогласеност, етичките и управувачките рамки како и имплементација на европските и меѓународните антикорупциски стандарди. Говорниците нагласија дека земјите со посилни системи на интегритет постигнуваат повисоко ниво на инвестиции, иновации, продуктивност и доверба во институциите.
Воедно, беше постигнат широк консензус дека корупцијата не претставува само предизвик за доброто владеење, туку и значителен економски и демографски проблем. Таа ја нарушува фер конкуренцијата, ги обесхрабрува домашните и странските инвестиции, ги зголемува деловните ризици, ја намалува ефикасноста на институциите и ги ограничува можностите за економски развој. Довербата кон системот се губи и младите се иселуваат.