Големи се шансите дека Асад загинал во авионска несреќа, тврдат сириски извори за Ројтерс


Авион на „Сирија ер“ полета од аеродромот во Дамаск во моментот кога објавија дека главниот град го зазеле бунтовниците, покажуваат податоците на веб-страницата „Флајтрадар“.

Авионот прво полетал кон крајбрежниот регион на Сирија, упориште на алавитската секта на Асад, но потоа направил остар пресврт и полетал во спротивна насока неколку минути пред да исчезне од мапата.

Ројтерс не можеше веднаш да утврди кој се наоѓа во авионот. Два сириски извори рекоа дека постои многу голема можност Асад да загинал во авионска несреќа бидејќи е мистерија зошто авионот ненадејно го променил правецот и исчезнал од мапата според податоците на веб-страницата „Флајтрадар“.

„Исчезна од радарот, можно е транспондерот да е исклучен, но мислам дека е поверојатно авионот да е соборен…“, изјавил сириски извор без да наведе детали.

Авионот полетал од Дамаск набргу откако бунтовниците го зазеле централниот град Хомс, отсекувајќи го главниот град од брегот, каде рускиот сојузник на Асад има воздушни и поморски бази.

Официјален претставник на Обединетите Арапски Емирати денеска изјави дека „не знаат“ дали сирискиот претседател Башар ал Асад побегнал во нивната земја.

На прашањето дали Асад сега е во ОАЕ, дипломатскиот советник на претседателот Анвар Гаргаш им рече на новинарите: „Не знам“. Тој рече дека Асад претходно не ја користел „сламката на спасот“ што му ја понудиле различни арапски земји, вклучително и ОАЕ.

Единствениот лет од Сирија по полноќ, видлив на сајтот за следење летови „Флајтрадар“, тргна од Хомс за Обединетите Арапски Емирати, неколку часа откако бунтовниците го зазедоа градот.

Како што бунтовниците напредуваа во текот на изминатата недела, имаше шпекулации дека претседателот може да побара засолниште во Москва или неговиот друг главен сојузник, Иран.

Сириските државни медиуми вчера објавија дека претседателот се уште е во Дамаск. Оттогаш не ја пријавиле неговата локација.

Тој беше во посета на Москва непосредно пред бунтовничката офанзива, а иранските новински агенции вчера објавија негова фотографија, на која наводно се гледа средба со висок ирански функционер во Дамаск. (Индекс.хр.)