Големата бездна меѓу Израел и Палестинците
Израелците и Палестинците се соочуваат со својот момент на најголема опасност од 1948 година. Сè уште има мали шанси за мир ако надвладеат мудри совети и големи сили интервенираат во коалицијата на оние со волја
Израел штотуку го доживеа најлошиот ден во својата историја. За еден ден беа убиени повеќе израелски цивили отколку вкупниот број на цивили и војници изгубени во Синајската војна од 1956 година, Шестдневната војна од 1967 година и Втората либанска војна од 2006 година. Извештаите и сцените од областите заземени од Хамас се ужасни. Многу од моите пријатели и членови на семејството претрпеа неискажливи ѕверства. Тоа значи дека и Палестинците сега се соочуваат со огромна опасност. Најмоќната земја на Блискиот Исток трепери од болка, страв и гнев. Немам ниту знаење ниту морален авторитет да зборувам за тоа како изгледаат работите од палестинска перспектива. Но, во моментот на најголема болка во Израел, би сакал да предупредам како изгледаат работите од израелската страна на оградата.
Политиката често функционира како научен експеримент, спроведен врз милиони луѓе со малку етички ограничувања. Се обидувате нешто – без разлика дали тоа е зголемување на социјалните бенефиции, избор на популистички претседател или да понудите мир – ги гледате резултатите и одлучувате дали да продолжите по тој пат; или ќе го промените курсот и ќе пробате нешто друго. Така се одвиваше израелско-палестинскиот конфликт со децении: преку обиди и грешки.
За време на мировниот процес во Осло во 1990-тите, Израел му даде шанса на мирот. Знам дека од гледна точка на Палестинците и некои надворешни набљудувачи, мировните понуди на Израел беа недоволни и арогантни, но сепак тоа беше најдарежливата понуда што Израел некогаш ја направил. За време на тој мировен процес, Израел отстапи делумна контрола врз Појасот Газа на палестинските власти. Исходот за Израелците беше најлошата терористичка кампања што ја доживеаја до тој момент. Сè уште ги прогонуваат сеќавањата на животот во раните 2000-ти, со секојдневни бомби во автобуси и ресторани. Таа терористичка кампања уби не само стотици израелски цивили, туку и мировниот процес и израелската левица. Можеби мировната понуда на Израел не беше доволно дарежлива. Но, дали тероризмот беше единствениот можен одговор?
По неуспехот на мировниот процес, следен експеримент на Израел во Газа беше повлекувањето. Во средината на 2000-тите, Израел еднострано се повлече од целиот Појас Газа, ги демонтираше сите тамошни населби и се врати на меѓународно признатата граница од пред 1967. Точно, продолжи да наметнува делумна блокада на Појасот Газа и да го зазема Западниот Брег. Но, повлекувањето од Газа сепак беше многу значаен израелски чекор и Израелците со страв чекаа да видат каков ќе биде исходот од тој експеримент. Остатоците од израелската левица се надеваа дека Палестинците ќе направат чесен обид да ја претворат Газа во просперитетна и мирна град-држава, Сингапур на Блискиот Исток, и ќе му покажат на светот и на израелската десница што можат Палестинците да направат кога ќе им се даде шанса да управуваат сами со себе.
Се разбира, тешко е да се изгради Сингапур под делумна блокада. Но, сепак може да се направи чесен обид, во тој случај ќе има поголем притисок врз израелската влада и странските сили и израелската јавност да ја укинат блокадата на Газа и да постигнат чесен договор и за Западниот Брег. Наместо тоа, Хамас го презеде Појасот Газа и го претвори во терористичка база од која беа извршени напади врз израелски цивили. Уште еден експеримент заврши неуспешно.
Ова целосно ги дискредитираше остатоците од израелската левица и го донесе на власт Бенјамин Нетанјаху и неговата серија агресивни влади. Нетанјаху беше пионер на уште еден експеримент. Бидејќи мирниот соживот не успеа, тој усвои политика на насилна коегзистенција. Израел и Хамас разменуваа удари на неделна основа, а голема воена операција се случуваше речиси секоја година; меѓутоа, деценија и пол израелските цивили можеа да живеат на неколку стотици метри од базите на Хамас од другата страна на оградата. Дури и месијанските зилоти на Израел покажаа мал интерес за повторно заземање на Појасот Газа, па десницата се надеваше дека одговорноста за владеење со над два милиони луѓе постепено ќе го ублажи Хамас.
Навистина, многумина од израелската десница го гледаат Хамас како подобар партнер од палестинските власти. Тоа беше затоа што израелските јастреби сакаа да ја задржат контролата врз Западниот Брег и се плашеа од мировен договор. Изгледаше дека Хамас на израелската десница ѝ го нуди најдоброто од сите светови: го ослободи Израел од управувањето со Појасот Газа, додека не даваше мировни понуди што би можеле да ја отстранат израелската контрола на Западниот Брег. Денот на ужасот што штотуку го доживеа Израел го сигнализира крајот на експериментот на Нетанјаху за насилна коегзистенција.
Па, што е следно? Никој не знае со сигурност, но некои гласови во Израел веќе повикуваат на повторно освојување на Појасот Газа или негово срамнување со земја. Резултатот од таквите политики би можел да биде најлошата хуманитарна криза што регионот ја видел од 1948 година. Ако Хезболах и палестинските сили на Западниот Брег се приклучат на борбата, бројот на загинатите може да достигне илјадници, со милиони протерани од своите домови. Од двете страни на оградата има религиозни фанатици фиксирани на божествените ветувања и војната од 1948 година. Палестинците сонуваат да го променат исходот од таа војна. Еврејските фанатици, како што е министерот за финансии Безалел Смотрич, ги предупредија дури и арапските граѓани на Израел дека се тука по грешка, бидејќи Бен Гурион [првиот премиер на Израел] не ја завршил работата; 2023 година би можела да им дозволи на фанатиците од двете страни да ги исполнат своите религиозни фантазии и да ја реконструираат војната од 1948 година.
Дури и ако околностите не оотидат во таков екстрем, сегашниот конфликт веројатно ќе ја стави последната шајка во ковчегот на израелско-палестинскиот мировен процес. Кибуците долж границата со Газа беа социјалистички комуни и некои од најцврстите бастиони на израелската левица. Познавам луѓе од тие кибуци кои, по години речиси секојдневни ракетни напади од Газа, сè уште негуваа надеж за мир, како религиозен култ. Овие кибуци штотуку се уништени, а некои од последните миротворци или се убиени, или ги закопуваат своите најблиски или биле одведени во Газа како заложници. На пример, исчезна Вивијан Силвер, мировна активистка од кибуцот Беери, која со години ги превезуваше болните жители на Газа во израелските болници; најверојатно е заложник во Газа.
Она што веќе се случи не може да се врати. Мртвите не можат да се вратат во живот, а личните трауми никогаш нема целосно да заздрават. Но, ние мора да спречиме понатамошна ескалација. Многу сили во регионот моментално се предводени од неодговорни верски фанатици. Затоа, надворешните сили мора да интервенираат за да се смири конфликтот. Секој што сака мир мора недвосмислено да ги осуди злосторствата на Хамас, да го притисне Хамас веднаш и безусловно да ги ослободи сите заложници и да помогне да се одвратат од интервенција Хезболах и Иран. Ова ќе им даде на Израелците простор за дишење и мала трошка надеж.
Второ, коалицијата на волја – од САД и ЕУ до Саудиска Арабија и палестинската управа – треба да го преземе Појасот Газа од Хамас, да ја обнови Газа и истовремено целосно да го разоружа Хамас и да го демилитаризира Појасот Газа.
Има мали шанси овие чекори да се спроведат. Но, по неодамнешните ужаси, повеќето Израелци не мислат дека можат да живеат со ништо помалку.
(Јувал Ноа Харари е светски признат историчар и автор на познатите книги „Сапиенс“ и „Хомо деус“. Текстот е објавен во „Гардијан“.)