Голема смена во Москва: Путин го разреши министерот за одбрана Сергеј Шојгу

Нов министер ќе биде досегашниот прв вицепремиер Андреј Белоусов. Си заминува и Николај Патрушев, моќниот секретар на Советот за безбедност. неговото место ќе заземе Шојгу


 

Рускиот претседател Владимир Путин го назначи Андреј Белоусов за министер за одбрана, на местото на досегашниот министер Сергеј Шојгу, соопшти во неделата вечерта Кремљ.

„Сергеј Шојгу беше разрешен од функцијата министер за одбрана на Руската Федерација со претседателски декрет, а исто така беше назначен со указ на претседателот на Руската Федерација за секретар на Советот за безбедност на Руската Федерација“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Шојгу ќе биде и заменик на Путин во Воено-индустриската комисија на Руската Федерација, рече Песков.

Моќниот Николај Патрушев, досегашниот секретар на Советот за безбедност уште од 2008 година, беше разрешен од функцијата „поради преместување на друго работно место“, рече Песков.

Белоусов претходно беше прв вицепремиер.

Сергеј Шојгу беше на чело на руското Министерство за одбрана 12 години од ноември 2012 година.

Прес-секретарот на претседателот на Руската Федерација, коментирајќи ја реконструкцијата во воениот оддел, им рече на новинарите дека назначувањето на Белоусов нема да го промени „системот на координација“.

„Што се однесува до воената компонента, ова назначување на никаков начин нема да го промени сегашниот систем на координација, воената компонента отсекогаш била привилегија на началникот на Генералштабот, тој ќе продолжи со своите активности, сѐ уште не се предвидуваат промени на овој план“, го цитира Интерфакс Песков.