Голем одрон во Грузија: Најмалку шест загинати, се трага по уште 30 лица


Најмалку шест лица загинаа, а околу 30 се сметаат за исчезнати во лизгање на земјиште во планинската област Рача, во северозападна Грузија, соопштија властите на таа земја на Кавказ. Две тела биле пронајдени вчера, а четири денеска, потврди грузиското Министерство за внатрешни работи.

„Во погоденото подрачје, во општина Они, спасувачите без одмор ја продолжуваат акцијата за пребарување и спасување. Досега се пронајдени шест тела“, објави Министерството на Фејсбук. Министерот за инфраструктура Иракли Карселадзе пристигна на местото на несреќата и рече дека досега е невозможно да се стапи во контакт со 35 лица.

Евакуирани се околу 140 луѓе

Свлечиштето се случи во четвртокот недалеку од хотел Чови, мало туристичко место во планините на провинцијата Рача. Во таа несреќа беа уништени планински куќи, а искршени и уништени се електрични кабли, патишта и мостови.

„Акцијата продолжува втор ден по ред. Во неа учествуваат околу 400 пожарникари и спасувачи, како и припадници на различни полициски единици“, се вели во соопштението на Министерството за внатрешни работи. Се додава и дека полицијата помага за евакуација на населението од погоденото подрачје. Досега се евакуирани околу 140 лица.