Годинешниот оскаровец „Паразит“ доаѓа во Скопје: Кино од автомобил пред „Борис Трајковски“

Во рамките на одбележувањето една година од воведувањето на брендот „А1“ на македонскиот пазар, „А1 Македонија“ ќе организира А1 Drive-in кино, во кое посетителите ќе можат да гледаат филмови од своите автомобили. Седумдневното кино ќе се наоѓа на паркингот пред А1 арената „Борис Трајковски“ и ќе може да прими 100 автомобили. Филмовите ќе се прикажуваат на специјално проектно платно, а звукот ќе се следи преку радиоуредот во автомобилот.

Официјалното отворање е на 29 септември во 21 часот со годинашниот оскаровец „Паразит“. Влезниците се бесплатни, со претходна резервација преку веб-страницата www.karti.com.mk.

„Инспирирани од нашите корисници и од желбата за безбедна социјализација во времето на пандемија, креиравме настан што ќе овозможи уште повеќе содржина и забава и ќе им понуди ново, уникатно искуство на сите љубители на седмата уметност“, изјави Методија Мирчев, извршен директор на „А1 Македонија“.

Во деновите што следуваат, на репертоарот ќе бидат „Вистина“ (The Truth, 2019), „Уште една тура“ (Another Round, 2020), „Пинокио“ (Pinocchio, 2019), „Офицер и шпион“ (An Officer and a Spy, 2019), „Проксима“ (Proxima, 2019) и документарецот за бившиот фронтмен на „Оејзис“, „Лијам Галагер: Како што беше“ (Liam Gallagher: As It Was, 2019), со кој се затвора настанот на 5 октомври.

Влезот за сите денови е од 19:30 до 20:30 часот, а проекциите почнуваат во 21 часот.