Гоцевата шума уште гори
Сите понуди што стасаа до ВМРО-ДПМНЕ од сиот свет и од дома Христијан Мицкоски ги пали и пушта густ чад да не се види пепелта што останува зад него
Пожарот во Гоцевата шума кај Неготино е изгасен, јавија официјалните извештаи. Меѓутоа, шумата на Делчев повторно пламна. Таа веќе од поодамна гори и тоа на 25.000 квадратни километри. Тоа што растело 120 години, пламенот го голта за еден час. Тие што ја запалија шумата ветуваат дека ќе посадат уште поубава и поголема и дека за еден век повторно ќе израсне. Од големиот чад не може да се види како со лаги и потпалување пожари се станува патриот. Пироманите велат – што се сто години во споредба со вечна Македонија.
Ако не сакате да проверите дали е нешто вистина, или лага најдобро е да предизвикате пожар и да пуштите чад да не се гледа прст пред око. Така е со сите понуди што стасаа до ВМРО-ДПМНЕ од сиот свет и од дома. Христијан Мицкоски ги пали и пушта густ чад да не се види пепелта што останува зад него. Кога сѐ ќе изгори, ќе се види пустошот, но што фајде од тоа. Никакво. Ќе чекаме 100 години да израсне нова „шума“. Какво значење тогаш ќе има кој ја кажувал вистината, а кој лажел. Никакво.
Министрите на ДУИ по желба и услов на Мицкоски и ВМРО- ДПМНЕ поднесоа оставки со гаранција за предвремени избори во замена на уставни промени за Бугарите да влезат во Уставот и да продолжат преговорите со ЕУ за членство на Македонија во ЕУ. Тоа било блеф, лага, очај и детска играчка. Зошто тогаш би имало потреба тоа да се проверува. Може да испадне вистина, а тоа е многу опасно. Во тој случај ќе продолжат преговорите со ЕУ, а Бугарите ќе влезат во Уставот како и сите други делови од народи што живеат во Македонија.
Понудата, пак, ВМРО ДПМНЕ да влезе во владата и да ги преземе сите позиции на ДУИ и да бира дали сака да оди на предвремени или редовни избори и тогаш да гласа за уставни промени е уште поопасна, тогаш работите можат уште повеќе да се искомплицираат.
Како ВМРО ДПМНЕ ќе го враќа угледот
Најдобро решение е да им се удоволи на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, целата влада да поднесе оставка и веднаш есенва да се оди на предвремени парламентарни избори без никакви условувања, па тие што ќе победат да одлучуваат што и како ќе прават со Македонија. Штом се нема двотретинско мнозинство за уставни промени, тоа е посилно од тоа што се нема ни просто мнозинство во Собранието. Исто како што е посилно да се бојкотира референдум, наместо да се гласа против. Така Македонија ќе го врати својот углед во светот со тоа што Бугарите нема да влезат во Уставот.
Со победата на ВМРО ДПМНЕ на изборите се отвара патот за брзо поништување на предавничките договори со Грција и со Бугарија. Со тоа уште повеќе ќе се зацврсти угледот на Македонија во светот и ќе се врати достинството и самодовербата на македонскиот народ и на деловите од народи што живеат во Македонија и што ја имаат таа среќа и голема привилегија да бидат конститутивни народи. Уште поголем успех од тоа би било и поништувањето на таканаречениот капитулантски Охридски договор кој ја обезличи Македонија. Тоа широко ќе ги отвори вратите не само за европската иднина на Македонија, туку и за поништување на сојузот со НАТО џандарот на светот.
Таквите големи државнички и храбри одлуки со раширени раце ќе ги пречекаат не само ЕУ и Америка, туку целиот демократски свет. Што е, не верувате во вакви будалаштини и самоубиствени чекори на Христијан Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ. Секако и на сите оние кои ги поддржуваат ваквите определби, бидејќи некои од нив веќе имале шанси да бидат носители на многу поповолни решенија, за Македонија денес да одбележува десет години од членството во ЕУ и во НАТО. Нормално, како и сите нови членки со веќе изградена инфраструктура и со добар дел на усвоени западноевропски вредности, но немале храброст да донесат државнички одлуки. Сега го лечат својот кукавичлак со опасноста Бугарите да влезат во Уставот. Ги има многу и во ВМРО-ДПМНЕ и во СДСМ и кај нивните коалициски партнери.
Исполнувањето на желбите на ВМРО-ДПМНЕ да се врати на власт на бранот со застрашувањата од бугарската асимилација води кон тоа до моментот на освојување на власта. Потоа ќе следи застрашувачката пропаганда за постигнување на подобри договори кои и ако се случат ќе бидат многу полоши, со нови отстапки како и сте досегашни во изминатите безмалку три децении. Се разбира, ако се обезбеди двотретинско мнозинство во Собранието за нивно усвојување.
Историската фарса со грозниот излез
Никола Груевски во своето 11-годишно непречено владеење ја зароби Македонија со новиот антички идентитет и со застрашување и држење под надзор на илјадници јавни личности, следејќи го секој нивни чекор. Неговиот наследник Христијан Мицкоски пак успеа да ја исплаши Македонија со бугарски диктат, со бугаризација и асимилација. Античкиот идентитет се` уште носи поголем рејтинг од словенското потекло, кое во времето на груевизмот означуваше навреда. Овие заробеници на своите тврди ставови на лажен патриотизам ги ставија најголемите блокади за иднината на Македонија. Затоа треба да се вратат на власт барем уште 15 години за да ја довршат работата до крај, да го запалат бурето барут.
Иако немам ниту еден аргумент за масовно освестување на со години прелажаните Македонци, се` уште сум оптимист дека по сите овие понуди од светот и од дома, Македонија ќе зачекори кон членството во ЕУ и ќе им се удри од глава на лажните патриоти кои се` уште опстојуваат и во 21. век со постојано откривање на непријатели и предавници.
Или, како што напиша во своите сеќавања најучениот од основачите на ВМРО, солунчаненцот Иван Хаџи Николов во чија куќа е формирано историското ВМРО: „Да се пишува за една организација која за резултат го има упропастувањето на Македонија… која ја погреба Македонија и и` причини огромни жртви од луѓе и материјални блага, а јас пак се чувствувам како виновен за сите тие злосреќи, дека јас и моите другари станавме причина за револуционизирањето и во последица на тоа – погубувањето на Македонија и на Македонците. И јас му се чудам на македонскиот дух како тие луѓе не нѐ убија со камења откако го согледаа грозниот и жалниот излез на нашата револуционерна иницијатива. Цела Македонија, како еден човек, со трогателна еднодушност тргна зад нас, ни ја даде сета своја поддршка и својата морална доверба, ние да го водиме кон ослободување, а излезе дека ние сме го воделе кон упропастување… и пак да не нѐ обвинува, да не нѐ навредува, да не мрмори против нас – создавачите на револуционерната организација и водачите, туку молчаливо и со полна покорност на својат судба да си го преземе тешкиот голготски крст…“
Е, па ако историјата се повторува како фарса и по сто години уште ли молкум и со полна покорност ќе го носиме тешкиот голготски крст. Време е конечно да се согледа грозниот и жалниот излез што го нудат самоповиканите наследници на историското ВМРО. Иван Хаџи Николов се чувствувал виновен и во една таква криза и тешка болест извршил самоубиство. Неговите денешни самонаречени наследници не чувствуваат никаква одговорност за најновото упропастување со блокадата на иднината на Македонија.
(Линк до текстот во Дојче веле овде)