Го проценуваме обемот на штети што ја трпи културата: Роберт Алаѓозовски, национален координатор


Фото: Б. Грданоски

 

Лејла Сабит

Дали пандемијата на коронавирусот подолгорочно ќе се одрази на културата и на културните институции во земјата, што презема Владата за вработените од затворените културни институци и дали актуелниот Закон за култура предвидува мерки за вонредни ситуации, само за nezavisen.mk одговара Роберт Алаѓозовски, ексминистер за култура, а сега Национален координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка.

Како пандемијата подолгорочно ќе се одрази на културата и на културните институции во земјата?

-Културата и уметноста се случуваат во заедницата. Голем дел од уметничките дела и креативните процеси се колективен труд, мислењата се разменуваат, средбите се поттикнувачки, потребни се проби. Публиката е важен чинител на секој културен и уметнички настан, а современите трендови се нагласено партиципаторни. Физичкиот контакт е составен дел од многу дела. Во таа смисла културата и културните институции, кои постојат заради живите луѓе ќе бидат долгорочно оштетени од пандемијата. Социјалното дистанцирање и здраствените протоколи ќе остават однесување кое ќе го оневозможува масовност на културните процеси и настани, како што го знаевме досега. Односот на луѓето кон културата и културните институции ќе се менува. На тоа одговор ќе мора да даде целата културна фела и поширокото општество.

Дали Владата има некакво решение за вработените од културните институции кои се затворени, и кои заради колективно здравје мора да седат дома?

-Вработените во институциите подлежат на истите мерки како и сите други вработени, потесно вработените во јавната администрација. Секако дел од културните работници и уметници имаат олеснување, затоа што дел од работите реално можат да се работат од дома, од компјутер, со користење на современите апликации за комуникација. Контемплацијата, барањето инспирација, негувањето на имагинацијата, времето за размислување е клучен дел од креативноста, така што оние кои се лишени од физички контакт ќе мора да се посветат токму на овие фази од културата.

Колку актуелниот Закон за култура предвидува мерки за вакви ситуации?

-За жал, Законот не предвидува мерки за вакви вонредни ситуации.

Фото: Б. Грданоски

А што со уметниците и културните работници од независната сцена на кои им е сериозно загрозена егзистенцијата? Тие упатија барање до Владата за специјален фонд за субвенции за просечни бруто плати.

-Овие десетина дена, интензивно комуницираме со вонинституционалните актери во културата, го проценуваме обемот на штети што го трпат, размислуваме за мерки. Имавме и заеднички состанок во Министерството за култура. Проблемот е повторно, што актуелниот закон не нуди правна основа за мерки.

Разгледуваме начин дали Владата може да донесе уредба со законска сила за да им помогне на овие категории уметници и културни работници. Размислуваме за повик, на кои засегнатите ќе се пријават, ќе ја докажат својата континуирана работа во културата и конкретните штети и така ќе се квалификуваат за помош, субвенција или грант за преживување. Треба да го утврдиме бројот на засегнати, кои се категории уметници и културни работници би биле вклучени и колкава би била помошта, зависно и од буџетските можности, кои во овој период не се големи. Работиме на конечно решение.

Ова е време на виртуелна култура, и во ситуација кога културните институции се затворени, и тука и во светот, се прават виртуелни тури низ уметнички галерии и музеи, и се презентираат претстави онлајн или на јутјуб. Колку тоа ќе влијае на духот на секој поединец и  на публиката ?

-Дигитализацијата на културата, и генерално на економијата, е дел од светските и европските јавни политики, десетина години наназад. Културните актери кои сакаат да добијат европски проекти, мора да го опфатат сегментот на дигитализација. Кај нас процесите се парцијално почнати. Оваа криза наметнува итно и сеопфатно приоретизирање на дигитализацијата на македонската култура и културното наследство. Тоа ќе мора итно да го решаваме чим помине најтешкиот дел од кризата. Секако виртуелноста е важна како безбедносна мерка во вакви кризни сценарија, кои можеби почесто ќе се случуваат во иднина. Но таа нуди и можност уметниците и културните актери да дојдат до нова, поголема, па дури и глобализирана публика. Дури и да остварат нов приход. За тоа ќе треба и поголеми инвестиции во технологијата и на институциите и приватно. Ќе мора да се приспособиме на виртуелниот свет. Во долга перспектива тој ќе биде примарен, а физичката присутност и интеракција ќе биде изборна.