„Го имам“ – како пред 200 години беа дешифрирани египетските хиероглифи

Најголемиот дел од заслугите одат кај францускиот филолог Жан-Франсоа Шамполион. Каменот од Розета беше клучот кој ја отвори вратата кон стариот Египет


Текстот на три јазици помогна да се дешифрираат хиероглифите

 

На 19 јули 1799 година, француските војници беа оние кои извлекоа неупадлива а камена плоча од урнатините во Розета (сега Рашид), пристанишен град на делтата на Нил. На неговата површина се врежани три текста. Ниту еден од војниците кои учествувале во египетскиот поход на Наполеон (1798-1801) и во тој момент се подготвувале да се борат против силите на Отоманската империја, немале поим какво богатство држат во своите раце. Но, веста набрзо се проширила.

Плочата од црн базалт, слична на гранит, висока 112 сантиметри и широка 75,7 сантиметри, како што подоцна се покажа, е дел од многу поголема античка надгробна стела. Но, што значат овие натписи, букви и симболи? Плочата е оштетена: во горниот дел, со нечитливи хиероглифи, недостигаат две третини од текстот. Покрај тоа, рабовите се силно оштетени. Најдобро е зачуван централниот дел од текстот, кој е напишан со староегипетско демотско писмо. Во долниот дел, на старогрчки, исто така недостасува голем дел од текстот.

Мистериозно откритие

Но, што значат тие три текста? Дали се тие идентични пораки на различни јазици со различни букви? Поручникот Пјер Франсоа Бушар, командант на извидувачкиот корпус на Наполеон беше целосно фасциниран. Загатката не му даде мир. За наодот веднаш ги известил француските археолози кои патувале со него. Но, и тие немаа објаснување и сакаа плочата да биде однесена во Франција за дополнително истражување.

Тој план, сепак, пропаднал во 1801 година, поради победата на англиските трупи над Французите. Поразените морале да ги отстапат сите свои антички египетски артефакти на победниците. И така Каменот од Розета заврши како воен плен во Лондон и сè уште е изложен во Британскиот музеј.

Заинтригирани од мистериозното откритие, истражувачи од цела Европа се обиделе да ги дешифрираат хиероглифите. Французинот Силвестре де Саси прв го споредил текстот напишан со демотско писмо со текстот на старогрчки. Во 1802 година, Швеѓанецот Јохан Давид Акерблад можел да ги прочита имињата напишани во демотското писмо, надоврзувајќи се на делото на Саси. Во исто време, британскиот научник Томас Јанг се обидел математички да ја реши загатката на списите, но тој не ја разбирал сложената граматика на староегипетското писмо.

Филологот кој го најде клучот за мистеријата: Жан-Франсоа Шамполион

Само францускиот лингвист Жан-Франсоа Шамполион успеа: за разлика од Јанг, тој течно зборуваше коптски и знаеше многу за Египет и неговата култура. Тој открил дека знаците на демотското писмо означуваат слогови, додека птолемејските хиероглифи ги означуваат звуците на коптскиот јазик. „Ова му овозможи на Шамполион да докаже дека зад хиероглифите стои коптскиот јазик“, вели египтологот Кристијан Лебен од Хановер за ДВ. „Така ги дешифрирал хиероглифите“.

Целиот одушевен, Шамполион наводно влетал во канцеларијата на својот брат и гласно извикал „Го имам!“, а потоа се онесвестил.

Египетските хиероглифи, сликовито писмо со фигури на луѓе, животни и предмети, биле во употреба од околу 3000 п.н.е. до 400 година од нашата ера. Набргу потоа, никој не можеше да ги прочита. Но, од каде потекнува каменот од Розета? И што пишува на него?

Хиероглифите ги рефлектираат звуците на коптскиот јазик

Научниците претпоставуваат дека стелата била завршена околу 196 година п.н.е., за време на Птоломејската ера (околу 323 до 30 п.н.е.). Владеењето на династијата Птоломеиди беше загрозено од борби за власт по смртта на Птоломеј IV. Кога избувнал бунт во 204 п.н.е., била потребна лојалност кон фараонот. Во 196 година п.н.е., синодот на египетските свештеници го изготвил таканаречениот „Декрет од Мемфис“, напишан за да може да го читаат три групи луѓе: свештениците, како зборовите божји во хиероглифи; службениците во египетскиот јазик со демотско писмо, а грчките владетели на Египет на старогрчки. Идентични стели требало да бидат поставени во сите египетски храмови.

Кому му припаѓа Каменот од Розета кој денес се наоѓа во Британскиот музеј

Користејќи го Каменот од Розета, Жан-Франсоа Шамполион создаде азбука од фонетски хиероглифи. Така, други научници можеле целосно да го преведат текстот. „Благодарение на Каменот од Розета, Шамполион успеа да ги дешифрира хиероглифите. Така Египќаните повторно го добија својот глас “, вели Лебен, кој раководи со египетскиот оддел во музејот Кестнер во Хановер. „Во исто време, тоа беше моментот на раѓањето на египтологијата“.

До денес, Каменот од Розета се смета за едно од најважните археолошки откритија. Неговото значење е огромно – не само за науката. Но, на кого му припаѓа артефактот што пристигна во Англија за време на колонијалниот период? „Каменот му припаѓа на човештвото, каде и да е“, вели германскиот египтолог Кристијан Лебен. „Египетските предмети во музеите ширум светот се најдобрите амбасадори на Египет во странство“. Од нив има корист и туризмот, кој носи пари во земјата на фараоните. (Дојче веле)