Го достигна ли врвот: Годишната инфлација во ноември 19,5 проценти

Годишната стапка на инфлација во октомври достигна 19,8 отсто, по што следеше и остра реакција на Народната банка која ја зголеми основната каматна стапка


Стапката на инфлација, мерена преку пораст на трошоците на живот во ноември изнесуваше 19,5 проценти во споредба со истиот месец лани, а цените на мало беа зголемени за 15,2 проценти, објави денеска Државниот завод за статистика.

Дали е ова првиот сигнал дека инфлацијата кај нас конечно забавува? За потсетување, годишната стапка на инфлација во октомври достигна 19,8 отсто, по што следеше и остра реакција на Народната банка која силно ја затегна монетарната политика зголемувајќи ја основната каматна стапка за 0,75 процентни поени на 4,25 отсто. 

Потегот на Народната банка го следеа и деловните банки во државата кои почнаа да ги зголемуваат каматите на кредитите и на депозитите.

Инаку, според анализите на НБ , растот на инфлацијата се должеше најмногу на порастот на цените на одредени типови прехранбени производи на домашниот пазар. Просечната годишна инфлација во периодот јануари – октомври 2022 година изнесуваше 13,2 отсто од кои и натаму три четвртини се должат на растот на цените на прехранбените производи и на енергијата. И покрај тоа што факторите коишто придонесуваат за раст на инфлацијата претежно се увезени ценовни притисоци, тие влијаат и врз инфлациските очекувања, реагираше тогаш НБ.

Инаку, Државниот завод за статистика измери дека во однос на октомври, кај трошоците на живот се бележи зголемување од 0,5 проценти, а кај цените на мало за 0,2 проценти.

Пораст на трошоците на животот во споредба со октомври има кај жестоките пијалаци за 4 проценти, виното за 3,4 проценти, месото за 2,6 проценти, рибата и морските плодови за 2,2 проценти, млекото, прехранбените производи неспоменати на друго место за 1,9 проценти, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 1,8 проценти, сирењето и урдата, кафето, чајот, какаото за 0,8 проценти, јајцата за 0,7 проценти, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,6 проценти, пивото за 0,3 проценти и лебот и житата за 0,2 проценти.

Намалување на трошоците на животот е забележано кај свежото и разладеното овошје за 8,9 проценти и кај маслото и маснотиите за 5 проценти.

Денеска со информација за минималната потрошувачка кошничка излезе и Сојузот на синдикати на Македонија. Според нивната пресметка, во ноември за минималните трошоци на едно четиричлено семејство биле потребни 51.714 денари од кои за храна минимум 19.518 денари, а за режиски трошоци 12.983 денари што е повеќе од половина од синдикалната минимална кошничка.