Расте гневот во Грција по железничката трагедија, владата призна грешки

Бројот на загинатите се искаќи на 57. Мачен процес на идентификација бидејќи многу од жртвите се целосно изгорени


 

Грчката влада соопшти дека железничките проекти во земјата се опфатени со „хронични проблеми во јавниот сектор“, во услови на зголемен гнев поради тоа како можеше да се случи директната несреќа во вторникот вечерта меѓу два воза.

Во првото официјално јавно признавање на проблемите што ја мачат железничката мрежа, официјалните лица, исто така, признаа дека напорите на администрацијата на десниот центар за ремонт на системот не успеале.

„Сите сме уништени од овој трагичен инцидент“, рече портпаролот на владата, Јанис Оиконому, на прес-конференција кога бројот на загинати се искачи на 57. „Загубата и траумата што ги предзвика, физичката и менталната траума и гневот е огромен и тешко е да се управува, особено сега“, рече тој.

Додека спасувачките тимови го продолжија макотрпниот процес на барање мртви во најтешко оштетените вагони, Оиконому рече дека властите ќе ги разгледаат причините за несреќата и доцнењето во спроведувањето на железничките проекти, кои, како што рече, се „вкоренети во хроничните болести на грчката јавен [сектор]… кои владата не успеа да ги искорени“.

Истакнувајќи го зголеменото чувство на бес поради несреќата, која се случи пред Темпи во централна Грција, близу Лариса демонстрантите фрлаа камења врз канцелариите на железничката компанија во Атина во средата вечерта, пред да бидат растурени со солзавец испукан од полицијата за немири. Протести избија и во Солун.

Во четвртокот штрајкуваа работниците во железницата и метрото. Во соопштението, службите на „Хеленик треин“велат дека 24-часовниот штрајк бил свикан во знак на протест против „непочитувањето што [последователните] влади го покажаа кон грчките железници, што доведе до трагичен настан во Темпи“.

„Хеленик треин“ беше меѓу многуте јавни комунални претпријатија приватизирани во екот на долготрајната должничка криза во Грција.

Во меѓувреме, грчки судија повика на итна истрага за наводите дека долгиот дел од патеката што води до меѓународниот аеродром во Атина, кој го користат милиони странски туристи секоја година, се управува со несоодветна сигнализација. Обвиненијата беа поднесени од Федерацијата на вработените во железницата, која излезе на телевизија за да повика на акција.

Операцијата за спасување е особено отежната затоа што работниците мораа да се потпрат на специјални машини за сечење за да ги расплетат распарчените остатоци.

Во моментот на несреќата, во вторникот во 23.20 часот, се верува дека повеќемина студенти се собрале во вагон ресторанот, кој бил втор во композицијата, и кој ја почувствувал целосната сила на директниот судар. Тие се качија на ноќниот воз за Солун во грчката престолнина по тридневниот празничен викенд.

„Тоа беше студентски воз, полн со деца… во нивните 20-ти“, изјави Костас Баргиотас, виш лекар ортопед во болницата, за ТВ Скаи. „Беше навистина шокантно… вагоните се стуткани како хартија“.

Иако се очекува потрагата да продолжи во наредните денови, секоја можност за пронаоѓање на преживеани испари, велат работниците од итната помош, велејќи дека температурите би надминале 1.300 степени Целзиусови во предните два вагони кои експлодираа во пламен.

Сведоците кои се упатиле кон местото на несреќата откриле сцена на пустош. Патниците кои успеале да побегнат од возот или биле исфрлени низ прозорците на вагоните, зборуваа за хаос и паника. Една преживеана го опиша теророт од тоа што морала да донесе одлука во дел од секундата „или да изгорам жива или да скокнам и да ги искршам сите коски “. Таа беше меѓу 66-те повредени лица пренесени во болница. Најмалку шестмина од ранетите се на апарати за одржување во живот.

Мрачниот процес на идентификација на жртвите е покомплициран, објавија медиумите, бидејќи форензичарите, во најголем дел, имале само изгорени делови од телото. Роднините кои очајно бараа блиски беа принудени да дадат примероци од ДНК за да може телата да се споредат и да им се предадат на семејствата.

Грција е потопена во национална тага, при што премиерот Киријакос Мицотакис нареди знамињата да се веат на половина копје за официјалната тридневна жалост.

„Ние живееме низ особено темни денови за нашата земја“, рече новоназначениот министер за транспорт, Јоргос Герапетритис, обраќајќи им се на новинарите додека го замени Костас Караманлис, кој поднесе оставка од функцијата „во спомен на жртвите“ во средата. „По оваа трагична несреќа, земјата минува низ исклучително тешки времиња.

Мицотакис вети независна истрага, со сепартиска комисија составена од експерти.

Шефот на станицата во Лариса, најблискиот град до местото на несреќата, презема одредена одговорност за катастрофата, но и други фактори биле во игра, рече неговиот адвокат.

Стефанос Панцарцидис изјави за новинарите дека неговиот клиент, кој беше уапсен во часовите по несреќата, е обвинет за попречување на транспортот и загрозување на животи. „Тој е буквално уништен“, рече Панцарцидис. „Од првиот момент, тој ја презеде одговорноста сразмерна на него… [но] имаше конвергентна небрежност од многу други фактори“.

Иако Мицотакис и другите во неговата администрација брзо ја обвинија „човечката грешка“, расте и широко распространето верување дека трагедијата можела да се спречи.

„Тоа не е грешка, тоа е злосторство“, рече опозицискиот весник „Синтактун“ во насловот на насловната страница, велејќи дека железничките синдикати долго време предупредувале на опасностите на системот. (Гардијан)