Гледа ли Македонија историски повик?
Македонија не треба поради нихилизмот, неверувањето во себеси и стравот од иднината да го изгуби фокусот, туку треба да мисли и да се подготвува за „историскиот повик“, како што прокламираше Урсула фон дер Лајен
Размислете добро – која изјава подобро одговара на апатично-нихилистичката атмосфера во Македонија.
Онаа на генијалниот американски комичар и актер Гручо Маркс, која се цитира до ден денес; или пораката од последното обраќање на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен за состојбата во Унијата.
Луцидноста на Гручо Маркс е неверојатна:
„Одбивам да се приклучам на кој било клуб кој мене би ме имал за член“.
Фон дер Лајен сакаше да отвора хоризонти:
„Надвор од политиката и геополитиката, ни треба идеја за тоа што е важно. Ни треба визија за успешно проширување на ЕУ… Ова е моментот Европа да одговори на историскиот повик“.
Гледајќи што се случува во општеството, како оние што наводно добро ги разбираат работите во Унијата повеќе инклинираат кон она на што Гручо Маркс си се потсмева на себеси, можеби најпосле навистина ќе одбиеме да се приклучиме на клучниот европски клуб, верувајќи дека не заслужуваме да бидеме таму. И кога потоа ќе гледаме како нашите измачени пријатели од обете страни на Днепар и од Бесарабија ќе се радуваат како и покрај војната и корупцијата им се отворени европските порти (можеби уште овој декември) и ќе бараме некаков некаков излез од неверувањето во себеси.
Гручо Маркс и тука може да помогне. Исто славна, како и претходно цитираната, е и оваа негова реченица:
„Ова се моите принципи и ако не ги сакате нив… па, јас имам и други“.
Би било непримерно нагаѓање дали тогаш можеби нема да биде доцна за еден подолг период. Македонија ја мачат сиромаштија, слаб економски раст, корупција, лошо владеење на правото, стравот од иднината, а изгледа толку комотно во чувството на загрозеност. Таа воопшто не сака да ги скрие или потисне стравовите, всушност, како да се гордее со нив, што се вели, само така може да постигне „работна температура“.
Тогаш, се препознава ли себеси во она што Фон дер Лајен го нарече „историски повик“, мислејќи не само за ЕУ и нејзините членки, туку и на оние што сакаат да станат дел од клубот. Овде тоа не е прашање за милион долари, туку сумата е многу, многу попрозаична – за два долари. Неговата вредност може да се зголеми само со фактот што банкнотите од два долари се најретките во Америка.
Армија на нихилисти
Некои работи навистина не им одат во прилог на земјите од регионот и на Македонија, се разбира. Ако се враќаме назад за се разубедуваат оние што се прилично скептични за подготвеноста на Македонија да стане членка на ЕУ (настрана условот со уставните измени) и да им се посочуваат колку беа подготвени, на пример, Летонија, Словачка или Кипар во 2004 да влезат во клубот, тоа би било загубена работа. Па дури и залудно потрошено време. Многу од тие 10 земји што влегоа во ЕУ во 2004 не беа подготвени за членство (како ни Бугарија и Романија три години подоцна), но нивните општества одбегнуваа да ги поставуваат прашањата кои ќе ја постават под сомнеж надежта и вербата во иднината. Овде, во најголема мерка царува нихилизмот поради долгото чекање и изневерените надежи на кои значајно им кумуваше ЕУ.
За да биде појасно како изгледа еден од целата армија нихилисти во Македонија ќе се послужиме со еден мал одломок од клучната книга за рускиот нихилизам – „Татковци и деца“ на Иван Тургенев:
„-Тој е нихилист, повтори Аркадиј.
-Нихилист – изусти Николај Петрович. Тоа е од латинскиот nihil, што значи ништо, според тоа, тој збор означува човек кој… ништо не признава?
-Подобро кажи: кој ништо не почитува, презеде Павел Петрович и продолжи да го мачка путерот.
-Кој кон сè се однесува критички, забележа Аркадиј.
-Па, зарем тоа не е истото?, го праша Павел Петрович.
-Не, не е исто. Нихилист е човек кој не се поклонува пред ниеден авторитет, кој не прифаќа ниеден принцип на вера, без оглед колкаво почитување ужива тој принцип.
-И што, ти мислиш дека тоа е добро?, го пресече Павел Петрович среде зборот
-Како за кого, стрико. За некого е добро, а за некого многу лошо.“
Ова изгледа како пресликано за сегашнава состојба на македонското општество.
Но, во нешто сепак се верува. Во август изгледаше дека прокламацијата на францускиот претседател Емануел Макрон за Европа со повеќе брзини на одреден начин ги закопува шансите за членство на регионот во ЕУ. Па дојде изјавата на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел дека временската рамка за членство во 2030 е реална. Некако расправите од тоа дека нема да се усвојат уставните измени се префли на колосекот за подготвеноста на земјата за такво членство и јавноста генерално слуша дека сме далеку од зрелоста за влегување во клубот.
А потоа, повторно наместо да се размислува што треба сѐ државава да направи за да ги отстрани забелешки и сомнежите (како околу незграпното и прилично сомнително донесување на измените во Кривичниот законик) расправата наеднаш добива нов тек – какви промени треба да направи Европската унија за да може да прима нови членки. Во неколку дена заборавивме на домашните задачи и површно се префрливме на искушенијата на ЕУ за функционирање на блок од 30+ членки.
Излагањето на претседателот на комисијата за надворешни работи во германскиот Бундестаг и поранешен државен министер за Европа, Михаел Рот, за време на дебата во Собранието ја одреди агендата на денот и неделата што доаѓа. Рот беше елоквентен, емотивен и убедлив. Раскажуваше како морал да „коленичи“ пред француските колеги и да ги убедува, а потоа како се соочувал со бугарските министри. Неговиот личен план од шест точки за реформирање на процесот на интегрирањето на земјите од регионот во ЕУ на многумина им изгледаше како просветлување, нешто во коешто може да се верува. И да се црпат надежи.
Проблемот е што тие предлози на Рот беа стари, без оглед што изгледаа свежо. Тој нив ги образложи уште лани во 2022 точно во ова време во колумна во кварталниот магазин „Меѓународна политика“. Оттогаш ништо не се случи, па сепак предлозите делуваа и убаво за уши и разнишаа нечии тврди ставови и подгреаја некаква мала надеж. Изгледа дека овој негов престој, како и на специјалниот пратеник на германската влада за Западен Балкан, Мануел Сарацин, во исто време во Скопје како да имаа повеќе импакт од посетите на многуте европски министри претходно.
Се разбира, емотивните зборови на Рот беа поважни од прокламацијата на Фон дер Лајен за иднината на Унијата од средата: „Треба да ги надминеме старите, бинарни дебати за проширувањето. Тоа не е избор помеѓу продлабочување на интеграцијата и проширување на Унијата. Можеме и мораме да ги направиме и двете. Унијата секогаш успевала во тоа. Секој бран на експанзија донесе политичко продлабочување. Верувам дека идното проширување мора да биде и катализатор за напредок“. Овие зборови на Фон дер Лајен не беа толку важни за јавноста, таа повеќе сакаше да им посвети внимание на нејзините најави дека ЕУ ќе покрене истрага за кинеското субвенционирање на производството на електрични автомобили.
Што се движи?
Но некои работи навистина се движат во ЕУ околу адаптирањето на блокот за идните членки. Пред некој ден германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, за време на посетата на Киев изјави дека Берлин ќе биде домаќин на конференција на која ќе се разговара како да се прифатат земјите од Западен Балкан, Украина и Молдавија.
На 30 јуни на маргините на европскиот самит се случи можеби најважниот состанок досега на кој се разговараше за способноста на ЕУ да прима нови членки. Група од 10 лидери на ЕУ се состанаа неформално на „брејнсторминг“ за да разгледаат што би можело да значи проширувањето на блокот за неговата иднина. Неформалниот состанок за време на појадок, инициран од Франција, Германија и Холандија, собра „географски избалансирана“ група земји, вклучително и лидерите од Белгија, Италија, Полска, Португалија, Романија, Шпанија и Шведска.
Составот на групата се обиде да постигне рамнотежа меѓу земјите кои традиционално го поддржуваат проширувањето и оние што се колебливи. Разговорите се фокусирале на тоа „како да се управува со процесот на проширување“, паралелно со разгледувањето на идните членки.
„За да бидат подготвени за иднината, земјите-членки треба да почнат да размислуваат за некои од последиците и некои од прашањата што треба да се решат доколку и кога ЕУ треба да се прошири“, изјави тогаш еден од дипломатите на ЕУ.
За неформалните разговори имаше доставено документ подготвен од бриселскиот Институт за геополитика, основан минатиот октомври како одговор на руската инвазија на Украина, што покрена широк спектар на прашања за кои треба да размислуваат земјите-членки. Меѓу тие прашања се процесите на управување и донесување одлуки, како што се прашањата за преминување од едногласност кон гласање со квалификувано мнозинство, функционирањето на внатрешниот пазар на ЕУ и промените во буџетот на блокот.
„Ние треба да почнеме да се подготвуваме за иднината“, рече тогаш друг дипломат на ЕУ. „Тоа беше прв пат лидерите на ЕУ да седнат на маса за да разговараат за ова“, рекоа дипломатите, додавајќи дека целта е „да почнеме да размислуваме низ овие елементи и да идентификуваме на што треба да почнеме да размислуваме“.
Тие неформални разговори дојдоа по една недела откако од тогашниот претседавач Шведска беше побарано од министрите за европски прашања да истражат како би можел да функционира идниот проширен блок без да се чепка во Договорот на ЕУ.
Комесарот за проширување Оливер Вархеи на почетокот од месецов најави дека во октомври, кога Европската комисија се очекува да ги претстави своите годишни извештаи за напредокот на сите земји во процесот на пристапување на блокот, извршната власт на ЕУ ќе излезе со „суштински предлози“. „Подготвени сме да излеземе дури и со храбри предлози – нови – и со нови идеи“, рече Вархеи.
Според најавите, дел од тие предлози ќе бидат разговарани на третиот самит на Европската политичка заедница под шпанското претседателство во Гранада на 5 октомври во прочуената Алхамбра. Следниот ден Европскиот совет ќе има свој посебен самит. Ќе видиме што ќе се случи на тие два самити и дали најавата на Вархеи за „значајните продлози“ и пораката на Урсула фон дер Лајен за „одговор на историскиот повик“ ќе бидат вистински. Македонија не треба поради нихилизмот да го изгуби фокусот и треба да мисли и да се подготвува за „историскиот повик“. А не да се претвора во најголем поклоник на максимата на Гручо Маркс.
(Линк до текстот во Дојче веле овде)