Главен приоритет ќе биде економијата: Предавање на Мицкоски на универзитетот Џон Хопкинс


„Најголем приоритет на Владата ќе биде зајакнување на економијата. А таа не може да расте, ако нема одлучна борба против криминалот и корупцијата. Има голема коалиција помеѓу одредени политичари, судии, обвинители и бизнис елита, и ние мора да ја разбиеме таа коалиција“, нагласи премиерот Христијан Мицкоски за време на предавањето во Школата за напредни меѓународни студии на универзитетот Џон Хопкинс во Вашингтон (во владиното соопштение погрешно е наведено дека настанат бил во Балтимор).

Модератор на предавањето беше познатиот експерт за Балканот и предавач на Школата, Едвард Џозеф.

Според Мицкоски, најважни ќе бидат ќе бидат инвестициите во енергетиката, интерконекторот на гас, како и вложувањата во инфраструктурата.

Премиерот рече дека од самиот почеток тргнал со идејата за распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. „Кога има проблем треба да се соочиме со него и да се даде решение. Има експерти кои се против, но никој не дава решение како да се реши истиот. Ние сега имаме статус кво, но ќе ја продолжиме нашата борба, во насока да донесеме правда и надеж“, рече тој.

Мицкоски се задржа и на војната во Украина. „Мојата држава е огромен донатор за Украина. Собранието гласаше за огромна поддршка за Украина. Ние сме меѓу топ 5 доставувачи на помош по глава на жител во светот“, истакна тој.