Гласачите ја казнија власта, но не ја наградија опозицијата

Освен „скандинавската“ атмосфера за време на гласањето, немаше многу причини за славење во неделата вечерта ниту во „белата палата“ во центарот на Скопје ниту во хотелот „Хилтон“ на кејот на Вардар. Сепак, се славеше – и во штабот на Гордана Силјановска, поради тесната разлика и предноста во неколку поголеми општини што ја оствари опозицијата во првиот круг од шестите претседателски избори; и во таборот на Стево Пендаровски, поради скромното водство пред противкандидатката од ВМРО-ДПМНЕ.
Еден од парадоксите е и тоа што, и покрај драматичното доближување на опозицијата во однос на владејачките партии, споредбата со резултатите од последниот изборен циклус, односно од локалните избори во 2017 година, покажува дека ВМРО-ДПМНЕ не се поместила ниту за милиметар понапред во однос на поддршката што ја доби на првите избори на кои, по една деценија владеење, учествуваше како опозиција, а во период кога на партиското кормило сè уште беше Никола Груевски. Во неделата, за ВМРО-ДПМНЕ, практично, гласало само верното партиски членство, со оглед на тоа што претседателската кандидатка Силјановска освои нешто повеќе од 319 илјади гласа или околу 17 илјади помалку од гласовите што ВМРО-ДПМНЕ ги освои пред една и пол година на советничките листи. Така, новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, го помина првиот изборен тест со поскромно салдо од неговиот претходник Груевски во 2017 година, односно во периодот пред неговото демисионирање од партискиот врв.
Затоа, пак, ако предноста на СДСМ на претходните избори изнесуваше околу 85 илјади гласа, сега разликата со ВМРО-ДПМНЕ е сведена на помалку од пет илјади. Кога кон тоа ќе се додаде и податокот дека СДСМ и ДУИ настапуваа во коалиција на овие избори, евидентно е дека мошне нискиот одѕив во првиот претседателски круг, генерално, е резултат на апстиненција на гласачите кои се понаклонети кон политичката левица и кои својот протест кон одредени политики на актуелната владејачка гарнитура го манифестираа со останување дома. Со тоа стана неминовен големиот пад на владејачките партии. И покрај симболичната предност што ја задржаа на национално ниво, СДСМ и ДУИ изгубиле близу 196 илјади гласа во споредба со последните избори кога на советничките листи освоија по околу 421 илјада и 90 илјади гласа.
Резултатот, пак, од референдумот за името на 30 септември 2018 година упатува на заклучок дека падот на владејачката гарнитура, всушност, почнува по постигнувањето на Преспанскиот договор, односно дека овој документ не е главната причина за незадоволството на гласачите. Туку дека револтот почнува да се разгорува во периодот на имплементација на договорот со Грција, кога власта беше приморана на низа отстапки и на чести суспендирања на принципот на владеење на правото, промовирајќи наспроти тоа принципи на неказнивост и селективност, за да го постигне потребното мнозинство за донесување на уставните измени, а во последниот период и за решавање на статусот на СЈО. Бегството на Груевски, амнестијата за 27 април, упадите во Кривичниот законик со цел намалување на казните за одредени предмети што произлегоа од „бомбите“, а паралелно и отворањето на низа случаи на непотизам и судир на интереси и незадоволството од локалните власти во одредени општини, несогласувањата меѓу коалициските партии и честите прогледувања низ прсти на ДУИ… веројатно се дел од причините што алармантно се одразија пред сè на рејтингот на СДСМ. Слободниот пад, очигледно, не можеа да го спречат ниту почетокот на зачленувањето во НАТО ниту Законот за јазици, на кој најмногу полагаше надежи ДУИ.

На 21 април на изборите излегоа околу 756 илјади гласачи наспроти над 650 илјади гласачи што учествуваа на референдумот за името, кој се одржа во атмосфера на бојкот на ВМРО-ДПМНЕ, додека опозицијата од албанскиот камп (Беса и Алијансата за Албанците) беше вклучена во референдумската кампања. Во неделата, Блерим Река, зад кого застанаа двете опозициски партии на Албанците, освои близу 80 илјади гласа освојувајќи притоа впечатлива поддршка и во општини на истокот на државата. Овие бројки се показател за тоа дека падот на владејачката гарнитура, која за референдумот мобилизирала приближно иста бројка гласачи како и за локалните избори, почнува пред околу половина година, а не во периодот на постигнувањето на Преспанскиот договор.
Уште еден од парадоксите е тоа што Пендаровски на претходните претседателски избори, како второрангиран зад Ѓорге Иванов, влезе во вториот круг со нешто повеќе гласови (над 326 илјади) отколку што влегува сега како првопласиран во финалето со Силјановска. Исто така, на вонредните парламентарни избори во 2016 година, првата (скопска) изборна единица, каде што носител на листа беше Пендаровски, беше единствената во која СДСМ освои повеќе мандати од тогаш владејачката ВМРО-ДПМНЕ (десет наспроти осум). Тоа беше увертира во големата изборна победа на СДСМ во Скопје на локалните избори следната година. Тогаш владејачката партија ги освои сите општини во главниот град, вклучително и најтврдокорните упоришта на десницата, како Гази Баба, Кисела Вода, Аеродром, Бутел, додека Петре Шилегов уште во првиот круг стана скопски градоначалник.
Во неделата СДСМ, како и во „старите опозициски времиња“, повторно прокнижи загуба во сите овие општини, така што и останаа само традиционалните бастиони Карпош и Центар, додека ДУИ успеа да ја одбрани „честа“ во Чаир, каде што Пендаровски оствари предност од околу 2.300 гласови пред Река, додека во Сарај предноста на владејачкиот кандидат е околу 650 гласа. Бројките од сите скопски општини, всушност, ѝ обезбедија предност од околу 660 гласа на Силјановска пред Пендаровски.
Резултатите од првото полувреме од изборниот натпревар за шеф на државата, во споредба со претходните изборни циклуси, упатуваат на заклучок дека гласачите, главно, преку тивок бојкот ги казнија владејачките партии, ама не ја наградија опозицијата. До ваков пресврт дојде на точно две години од драматичната смена на власта на „Илинденска“, која се случи речиси половина година по последните парламентарни избори, а на која ѝ претходеа крвавите настани во парламентот на 27 април 2017 година. Според тоа, до следните парламентарни избори, доколку се одржат во редовен термин, останува уште една и пол година. За тоа како понатаму ќе се одвиваат политичките процеси во земјава, како и интеграциските процеси, сега еден од одлучувачките фактори е исходот од вториот круг од претседателските избори. Односно дали тие ќе успеат и кој ќе биде идниот претседател – Пендаровски или Силјановска, чие евентуално вселување во претседателската резиденција ќе значи продолжување на кохабитацијата меѓу владата и шефот на државата, како и во последните две години од вториот мандат на Ѓорге Иванов, кој на 12 мај заминува од функцијата.
Неверојатно малиот одѕив во неделата донесе голема неизвесност околу тоа дали на 5 мај, кога ќе се гласа за еден кандидат помалку, ќе може да се постигне цензусот од 40 проценти за изборите да бидат успешни. Овој пат, практично, одлучувачки ќе бидат гласовите што во првиот круг легнаа на салдото на Река, независно од тоа што тој во неколку наврати повтори дека нема да им дава инструкции на своите гласачи како да ги пренасочат гласовите. Од тој аспект, во предност е Пендаровски, со оглед на тоа што Река освои гласови и во доминантно македонски средини, додека во општините каде што е мнозинство албанската заедница, поддршката за Силјановска беше незначителна, и покрај нејзините обиди кон крајот на кампањата да кокетира токму со ова гласачко тело и тоа со евидентна логистика од кандидатот на Алијансата и на Беса. На тоа дали на 5 мај ќе биде постигнат цензусот, секако ќе влијае и евентуалната поголема мобилизација на неопределените гласачи, како и однесувањето на ДУИ, која треба да процени што е од поголем интерес на државата – да биде избран легитимен претседател или партијата неколку месеци да има в.д. шеф на државата. Александра М. Митевска