Ѓорѓиевски повика сите да се обединиле за Скопје по изборите
Мојата рака останува подадена кон сите, кон секој граѓанин, активист и секој мој противкандидат. По изборите политиката мора да престане, време е за работа. Ве повикувам сите да се обединиме околу Скопје, бидејќи овој град е нашиот единствен дом, порача денеска кандидатот за градоначалник на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, на последниот ден од изборната кампања.
Според него, зад кампањата стои широк тим составен од стручни и посветени луѓе од различни области и заедници.
„Зад мене не стои само мојата политичка партија, туку тим од врвни професори, архитекти, уметници, но и обични чесни луѓе кои го живеат и дишат овој наш град“, рече тој.
Во своето обраќање, Ѓорѓиевски потенцираше дека „Скопје мора да биде град на сите, град без поделби, каде секој ќе се чувствува како дома, почитуван и вреднуван“.
„Нашиот град е уморен од хаос, од сообраќаен метеж во кој губиме часови од животот, од загаден воздух кој го дишат нашите деца, од преполни контејнери што го грдат секое маало и од урбана анархија што ни го одзема јавниот простор. Време е да воведеме ред, време е да го средуваме нашиот заеднички дом, темелно, плански и системски“, нагласи Ѓорѓиевски.