Ѓорѓиевски исплатил еднократна помош на „Антолог“ од 50.000 денари – штетата се брои во стотина илјади евра


Еднократна парична помош од 50.000 денари дал градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на издавачката куќа „Антолог“, чии магацински простории беа поплавени во големиот дожд што наврна во Скопје минатата недела.

Советниците, на денешната седница поднесоа иницијатива за обештетување на „Антолог“ од страна на градот, но од службите појаснија дека за да се случи такво нешто, потребно е од издавачката куќа, прво да ја проценат штетата, а потоа да се одлучи која сума ќе им биде исплатена.

Невремето ја збриша издавачката куќа „Антолог“ – уништени десетици илјади книги

Хаваријата во „Антолог“ се случи во подрумски простории на зграда, на територијата на Општина Кисела Вода, а според сопственикот на издавачката куќа, Жарко Кујунџиски, поплавата била предизвикана од несоодветна канализација, односно недоволен капацитет на цевките кои треба да ја канализираат наврнатата вода.

Сликите од изнесувањето на купиштата натопени книги, дел од нив нови изданија, кои во магацинот биле сместени ден претходно, пред невремето, се жални.

Од ЈП „Комунална хигиена“ излегле на терен, и помогнале во отстранувањето на уништените книги кои завршија на депонија. Во расчистувањето помогнаа и од Општина Кислеа Вода, која до пред неколку месеци беше водена од сегашниот скопски градоначалник Ѓорѓиевски.

Според Кујунџиски, штетата е огромна и се брои во стотина ијади евра.

Советниците кои ја поднесоа иницијативата за обештетување на „Антолог“ сметаат дека сумата од 50.000 денари е премала.(Б.Б.)