Ѓоргиева со суптилна, Станојовска со авангардна колекција: Заврши 32. Моден викенд Скопје 

Моден викенд Скопје, останува клучна платформа за прикажување на синергија помеѓу модата, културата, традицијата и одржливоста, поддржана од визионери и институции


Последната вечер на 32.Моден викенд Скопје, синоќа, во „Дајмонд мол“,  беше во знакот на суптилната и сексапилна елеганција, авангардниот дизајн и на студентскиот талент. Со убава публика и со креации вредни за внимание , колекциите на младата Марија Станојовска и на ветеранката во модата, Олгица Ѓоргиева, беа шлаг на модната торта која три дена, во ова време на трендови што траат неколку месеци, изгради модни приказни што ќе траат со години.

Ако кај Марија Станојовска доминираше контролиран, речиси архитектонски пристап кон формата, со одличен избор на машки манекени со впечатлива шминка, Олгица Ѓоргиева со колекцијата „Metamorfosis“, поддржана од Nera Caffe, понуди тивка, но сигурна завршница.

Инспирирана од личната трансформација и симболиката на пеперутката, колекцијата се развива низ минималистички силуети, рачна изработка и прецизно обликувани детали. Природните тонови внесуваат стабилност, додека суптилниот леопард принт се појавува како знак на инстинкт и самодоверба, дискретно, но присутен.

Ако првиот ден се славеше ексклузивноста со „China Night“, а вториот ден преку нордиско-балтичката приказна и дизајнерските резиденции, изложбите, јавните разговори и презентациите, до иницијативите како Mission for Water и регионалните соработки со сцени од Балканот – Fashion Weekend Skopje 32  се славеше модата која повеќе не функционира во изолирани кругови, третиот ден Fashion Weekend Skopje 32 ја потврди својата позиција како платформа што не само што ја презентира модата, туку активно учествува во нејзиното преобликување, преку образование, технологија и интердисциплинарен пристап.

Интернационалниот институт за мода „Изет Цури“ ја отвори програмата со колекции реализирани од студентите Рејхана Винца, Мирадије Селими и Дорунтина Каштанјева. Нивните дела функционираа како заокружени и зрели изрази. Беше присутна јасна конструкција, прецизна контрола на силуетата и изразено чувство за материјал, што не остава простор за случајност. 

Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет – Скопје, преку ревијата „Еклиптика“, донесе  јасно изразена генерациска слобода. 

Ревијата на Маригoна Рахманипокажа мекост и елеганција, со нагласена текстура и движење. 

Паралелно, ревиите, течеа јавни разговори  за модата како систем.

Јавниот разговор „3D и AI во модата“, реализиран во рамки на Erasmus+ иницијативата Green DigiFashTechManager е двегодишен европски проект финансиран од Европската Унија, поддржан од Green Land Group, Македонското модно здружение и Fashion Weekend Skopje и функционираше како клучен интелектуален сегмент на денот. Како рамка низ која се чита целото издание.

Разговорите ги отворија најрелевантните прашања за индустријата денес: што значи авторство во време на вештачка интелигенција, како се трансформира физичката облека во дигитален продукт, и каде завршува дизајнот, а започнува.

Настанот беше проследен со изложбата „3D & AI во модата“, која понуди увид во актуелните практики на пресекот помеѓу модниот дизајн, 3D технологијата и вештачката интелигенција, со посебен фокус на новата генерација дигитални креативци.

Програмата ја отвори текстилниот инженер и 3D моден дизајнер Ангела Доневска, која ја претстави својата колекција “Deep Within – Hologram Collection” во соработка со Neonflex.mk. Колекцијата функционира како визуелен експеримент во кој дигиталната мода се среќава со бруталистичкиот пристап, поставувајќи прашања за границите помеѓу уметничкиот израз и технолошките можности.

Во продолжение, директорката на Семос Едукација, Ангелина Канчевска, се осврна на улогата на вештачката интелигенција во едукацијата и дизајнот.

Во рамки на соработката со Fashion Weekend Skopje, 17 студенти и алумни од Академијата за графички дизајн развија повеќе од 33 креативни решенија за визуелниот идентитет на FWSK32, користејќи AI алатки и дигитални медиуми. Официјалната насловна визуелизација е дело на Едита Зекировиќ, а делата беа изложени како дел од програмата, потврдувајќи дека новиот визуелен јазик веќе активно се развива.

Модниот дизајнер Никола Ефтимов ја надополни дискусијата со својот проект “The Vein of Light”, отворајќи прашања за улогата на AI како активен елемент во креативниот процес, а не само како техничка поддршка.

Значаен сегмент од програмата беше и презентацијата на европскиот проект Just Fashion, претставен од Даниела Милошеска, креативен директор на Bastet Noir. Проектот се фокусира на развој на одржливи модели на производство преку дигитални алатки, вклучувајќи виртуелна кастомизација и дигитално прототипирање, со цел скалирање на made-to-measure пристапот во модата.

Настанот беше заокружен со промоција на новата монографија  „Облеката и модата, од историјата до денес“ од костимографката Зорка Тодорова-Младеновиќ, авторка чиј долгогодишен труд претставува еден од ретките систематизирани записи за развојот на модата во поширок културен и историски контекст. Нејзината работа е сведоштво за време, за естетика и за континуитет што често останува незабележан во брзината на современата индустрија.

Во рамки на настан што се занимава со иднината, нејзиното присуство потсети на нешто суштинско, дека секоја трансформација има своја основа. И дека модата, колку и да се менува, секогаш се потпира на знаењето што некој претходно го оставил зад себе. (Л.С.)

 

Фото: Ѓорѓи Ристоски, Горан Бошковски