Гир вели дека владата треба да го реши прашањето со уставните промени


Уставните измени се прашање кое новата влада ќе мора да го реши, изјави евроамбасадорот Дејвид Гир во вечерашното гостување во Топ Тема на Телма.

„Не мислам дека ситуацијата се има драстично променето од пред изборите до после нив“, рече Гир. 

Додаде дека по скоро двегодишни преговори со Бугарија се постигнал договор со кој се одблокирал евроинтегративниот процес на Македонија, но и со кој земјава преземала одредени обврски.Македонија треба да ги внесе Бугарите во Уставот за да продолжи по европскиот пат, порача тој.  

“Дел од тој договор беше дека ќе има промени на Уставот заради вклучување на луѓето кои се идентификуваат како Бугари под заштита на самиот Устав. Тоа не е променето, се уште е таква ситуацијата.Значи тоа ќе биде прашање кое новата влада ќе мора да го реши директно. Секако, новата влада можеби ќе ја искористи опцијата да разговара со Бугарија, но отсекогаш велев дека имаме договор кој беше постигнат со големи тешкотии и тешко ми е да замислам дека би било можно да се пронајде подобар договор и не гледам можност за промена на преговарачката рамка“, рече Гир. 

Претходно, од  Тетово  Гир порача дека секој од трите договори – Договорот од Преспа со Грција, Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија и Охридскиот рамковен договор, на различни начини ѝ донесоа придобивки на Република Северна Македонија, а за Европската Унија е од големо значење што земјата работи на нивно целосно спроведување.

„Договорот од Преспа, за кој толку жестоко се разговара во моментов, донесе огромни придобивки за вашата земја. Трговијата меѓу Република Северна Македонија и Грција е двојно зголемена од неговото потпишување, развиена е културната соработка и зајакната комуникација меѓу народите на двете земји, како и соработката меѓу двете земји, вклучително и меѓу нивните армии. Различни придобивки донесоа и Охридскиот рамковен договор и Договорот за добрососедство со Бугарија. Важно е ЕУ да се надоврзува на оваа соработка и да работиме на целосна имплементација на сите договори кои ќе придонесат за побрзо членство, т.е. да го забрзате евроинтегративниот пат на вашата земја“, рече Гир по отворањето на „Европската куќа“ во Тетово.