Гинекологија Чаир сè уште чади
Министерството за здравство сè уште ги чека неопходните документи од институциите и објавата на Државната изборна комисија дека се завршени изборите, за веќе од следната недела да го објави тендерот за промена на системот на затоплување во Специјалната болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир. Системот на затоплување во болницата е на мазут, енергент кој екстремно го загадува воздухот, проблем што се актуелизираше во јавноста изминативе месеци. Тендерската постапка беше прекината кон крајот на март бидејќи недостигала техничка документација, односно решение за реконструкција согласно Законот за градење објекти. Ваквата документација до Министерството ја доставува болницата.
„Чекаме да ги добиеме неопходни документи од останатите институции и организации што не го направија тоа. Чекаме официјално да заврши изборната постапка, согласно објавата од Државната изборна комисија. Јас верувам, како што ни кажаа, дека тоа ќе биде до крајот на оваа недела и веќе следната недела ќе можеме да го објавиме тендерот“, вели министерот Венко Филипче.
Околу документацијата што Министерството ја барало од Гинекологија Чаир, Општината еднаш одржала вонреден совет, при што била обезбедена согласност за реконструкција според направениот проект за премин од мазут на гас, кажа кон крајот на март за „Независен“ градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.
„Од Министерството за здравство побарале од Гинекологија Чаир согласност за реконструкција, за да се направи пренамена на системот на загревање, односно да се премине на загревање од мазут на гас. Во Општината свикавме вонреден совет, на дневен ред ставивме една точка за техничката документација, ја поминавме точката, по што документацијата ја доставивме до гинекологијата, бидејќи барањето беше оттаму“, рече Ганиу.
Од Гинекологија Чаир тогаш рекоа дека согласноста за реконструкцијата ја доставиле до Министерството за здравство на почетокот на март. Доставиле и согласност за безбедност, која била издадена од Одделението за оружје и експлозивни материи при Министерството за внатрешни работи. Од болницата сега велат дека од проектната единица при Министерството за здравство им побарале дополнителни документи, по што Општината пак ставила на дневен ред точка за документацијата на болницата и ја усвоила. Болницата дополнителната документација ја доставила речиси пред еден месец, па оттаму очекуваат од Министерството што поскоро да го објави тендерот.
Во првата недела од февруари министерот Филипче рече дека ќе биде почната тендерската постапка за промена на системот на загревање во болницата, што било приоритет на Министерството уште од лани и дека околната инфраструктура е подготвена за гасификација. Потенцираше дека проектот е готов и оваа година е ставен во планот за јавни набавки што, пак, бил усвоен крајот на јануари.
Министерот и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, изминатиов период неколкупати имале состаноци откако градоначалникот на почетокот на февруари предупреди дека, ако во рок од 30 дена не се смени начинот на затоплување во Гинекологија Чаир, болницата ќе биде затворена. Рокот што го зададе градоначалникот измина, клуч на болницата не е ставен, иако по неговата изјава беше неизвесно дали ќе функционира и натаму ако нема промени. Шилегов од Министерството го информирале зошто е прекината постапката за промена на системот на затоплување, односно дека чекаат да се комплетира потребната документација. Шилегов, пак, им ветил дека од Град Скопје како институција ќе излезат во пресрет и нема да преземат следен чекор што би предизвикал затворање на болницата, односно ќе почекале да ја обезбедат потребната документација и да ја почнат постапката.
За промена на системот на загревање во Гинекологија Чаир, Министерството издвоило 12 милиони денари, а приоритети за промена на системите за загревање за надлежните се и општите болници во Куманово и Струмица. Градоначалникот Шилегов неодамна за „Независен“ рече дека е задоволен што Министерството за здравство ја започнало постапката за промена на системот и очекува од наредната грејна сезона Гинекологија Чаир да не биде причинител на загадувањето во воздухот.
Вероника Мароска-Леова