„Ги преживеав Хитлер и Сталин. Ќе го преживеам и овој никаквец Путин“, вели преживеана од холокаустот (96)

Анастасија Гулеј била во Аушвиц заедно со Ана Франк. Сега мораше да ја напушти Украина поради инвазијата на Русија


Анастасија Гулеј

 

Анастасија Гулеј, 96 години, која го преживеа холокаустот и која беше во Аушвиц со Ана Франк, го осуди „геноцидот“ на рускиот претседател Владимир Путин врз Украинците, откако таа беше принудена да го напушти својот дом во Украина.

Гулеј, која побегна во Германија откако руските трупи ја нападнаа Украина во февруари, рече дека откако ги преживеа диктаторите Адолф Хитлер и Јосиф Сталин дека ќе ги преживее и „овој никаквец Путин“.

Гулеј, која зборуваше на комеморацијата за преживеаните од Холокаустот, ги спореди Русите со нацистите и рече: „Немам зборови за она што го направија обожавателите на Хитлер од Кремљ во Буча и Мариупол“.

Таа зборуваше за „геноцид врз Украинците“, додавајќи: „Го преживеав Хитлер, го преживеав Сталин и ќе го преживеам и овој никаквец Путин!“.

Гулеј беше преместена од Аушвиц во озлогласениот концентрационен логор Берген-Белзен и говореше на настан по повод 77-годишнината од неговото ослободување од страна на британските и канадските војници.

Таа била испратена од нацистите во концентрациониот логор Аушвиц за време на Втората светска војна, во јануари 1945 година, на 19-годишна возраст. Гулеј била таму во исто време со Ана Франк, која почина во логорот на 15-годишна возраст, во февруари 1945 година.

Гулеј подоцна беше однесена во логорот Берген-Белзен, каде што остана додека не беше ослободен четири месеци подоцна, на 15 април 1945 година. На комеморацијата, таа рече: „Не можам да заборавам ниту една минута што ја поминав овде чекајќи смрт.’

Зборувајќи за моментот кога бил ослободен логорот, таа рече: „Немав ни доволно сила да почувствувам радост“.

Озлогласениот логор Берген-Белзен каде што Гулеј ја дочека слободата

Гулеј рече дека сакала да остане во својата татковина откако Русија ја нападна Украина на 24 февруари, но бидејќи нејзината куќа била веднаш до аеродром, главна воена цел на Русите, таа решила да побегне со синот Васил и ќерката Валентина. Нејзините германски пријатели ѝ помогнале безбедно да побегне во Германија.

Биографијата на Гулеј се очекуваше да биде објавена минатиот месец, но таа сега е дополнета со уште едно поглавје, едно за нејзиното бегство од Украина.

Концентрациониот логор Аушвиц се состоеше од над 40 концентрациони и истребувачки логори, управувани од нацистичка Германија во окупирана Полска од 1940 до 1945 година.

Берген-Белзен првично беше логор за воени заробеници и делумно беше претворен во концентрационен логор во 1943 година во денешна Долна Саксонија во северна Германија.

Наводните руски воени злосторства извршени во украинските градови, како што се Мариупол и Буча, ги истражува Меѓународниот кривичен суд.

Мнозинството луѓе во Буча починале од прострелни рани, соопшти украинската полиција минатата недела, објавувајќи дека досега се пронајдени повеќе од 500 тела.