Ги пресекле решетките и побегнале од француски затвор, алатите им биле доставени со дрон
Двајца затвореници избегаа од затвор во Дижон, Франција, откако ги пресекоа решетките на нивната ќелија со сечила за кои се верува дека им биле доставени со дрон, потврдија властите. Двајцата се сметаат за опасни, а едниот е под истрага за обид за убиство, објавува Јуроњус.
Според локалните медиуми, повикувајќи се на синдикатот Force Ouvrière, еден од бегалците е 19-годишник под истрага за обид за убиство и злосторничко здружување, додека другиот, 32-годишник, е обвинет за упатување закани и сериозно насилство врз неговата сопруга. Двајцата биле држени во дисциплинска единица, во изолација. Откако ги пресекоа решетките, наводно користеле ќебиња за да се провлечат низ оградата од бодликавата жица.
Синдикатот FO Justice издаде соопштение во кое се вели дека со месеци предупредува за влошувањето на безбедносните услови во затворот во Дижон. „И покрај нашите повторени предупредувања, администрацијата одлучи да истрае во своето целосно слепило, одбивајќи да ја види реалноста на терен“, соопшти синдикатот во објава на Фејсбук.
Инцидентот се случува само една недела откако еден затвореник избега од затворот Рен-Везен за време на планетариумски излет, што го натера министерот за правда Жералд Дарманин да го отпушти управникот.
Во среда, три затворски синдикати го обвинија Дарманин дека дава приоритет на ресурсите за операции против трговците со дрога, а ги занемарува затворските служби. Тие го критикуваа „презирот“ на министерот и го обвинија дека прави сè „за да го одржи својот имиџ на цврстина и подготвеност за реакција“.
Француските затвори се преполни, со околу 85.000 затвореници за официјален капацитет од 62.509, според бројките од Министерството за правда во јули. Просечната стапка на зафатеност е 135,9%, а во 29 институции таа надминува 200%.