Гевгелија доби мерна станица за квалитет на воздух


Денеска во Гевгелија се пушти во употреба новата мониторинг станица за квалитет на воздух со што бројот на официјалните мониторинг станици во дражавата се зголеми на 18 и една дополнителна, мобилна мерна станица.

„Ова значи збогатување на националната мрежа за автоматски мониторинг на квалитетот на воздухот, со што всушност ги остваруваме нашите стратешки цели и приоретити како Министерство за животна средина и просторно планирање и како Влада на Република Северна Македонија. Имено, борбата за подобрување на квалитетот на воздухот во рамки на предвидените краткорочни и долгорочни активности подразбира и одржување во добра кондиција на Државниот автоматски систем за квалитет на амбиенталниот воздух, но и зголемување на бројот на мерните станици“, истакна министерот за животна средина Насер Нуредини во поздравното обраќање, нагласувајќи ја важноста на базата на податоци која овозможува анализи и предвидување на трендови, како и планирање на развојот на просторот и активностите во животната средина, имајќи ги во фокусот здравјето и добросостојбата на граѓаните.

„Како министер кој што ја има одговорноста да ја координира имплементацијата на ИПА програмата за прекугранична соработка би сакал да ги повикам и другите општини, институции и организации да подготвуваат проекти со кои што реално ќе им помагаат на граѓаните. Се мобилизираме за во наредниот програмски период  уште подобро да ја насочиме финансиската поддршка од предпристапните фондови на Европската Унија“, рече министерот за локална самоуправа Горан Милевски.

Изразувајќи задоволство што уште еден проект од ИПА-2  Програмата за прекугранична соработка со Република Грција успешно се остварува во Општина Гевгелија, градоначалникот на Гевгелија Сашо Поцков истакна дека најгоелмиот дела на капитални проекти кои придонесуваат за еколошкиот одржлив развој на општината како што се  пречистителната станица, времената депонија за комунален отпад, новиот водоснабдителен систем заради присуството на арсенот во водата во стариот, канализационите системи за отпадни и атмосферски води во градот и во неколку населени места се реализирани со грантови и како дел од програмите за прекугранична соработка на ЕУ.

Нагласувајќи дека реализацијата на овој проект е  дел од зедничките напори за борба против загадувањето, евроамбасадорот Дејвид Гир во соето обраќање посочи дека посветеноста на Европската Унија е на намалување на загадувањето на воздухот адресирањето на климатските промени, промовирањето на обновливите енергии и здравиот начин на живот што минатата недела веќе беше најавено во Економскиот инвестициски пакет за Западен Балкан чиј составен дел е и нашата земја.

Мониторинг станицата е набавена преку проектот „Развој и имплементација на здравствен индекс за загадување на воздухот“ кој се спроведува во рамките на Министерството за животна средина и просторно планирање, а истиот е финасиран од Interreg-IPA CBC програмата помеѓу Република Северна Македонија и Република Грција.

 

За реализација на овој проект, Европската Унија преку ИПА Програмата за прекугранична соработка го финансираше проектот во вкупна вредност од скоро еден милион евра за двете држави, а националното кофинансирање во вредност од 15 насто го обезбеди Министерството за локална самоуправа.

Покрај набавката на мониторинг станицата, во рамките на проектот се спроведуваат и низа други активности. Имено во рамките на оваа прогарама е направена комплетна замена на сите инструменти и во мерната станица Битола 1, и се набавени и инструменти за мерења на ПМ 2,5 честичките и тоа за мерната станица Битола 1 и за оваа во Гевгелија. Исто така, набавени се два автоматски стандардни/референтни ниско волуменски семплери за мерење на суспендирани честички (Пм10 и ПМ 2,5) и истите се поставени во близина на мерните станици Битола 1 и Гевгелија. Дополнително во рамки на проектот  ќе се направи проценка на влијанието на квалитетот на воздухот врз здравјето на луѓето во прекуграничниот регион, ќе се развие здравствен индекс, ќе се зајакне прекуграничната соработка преку организирање на тематски обуки, ќе се подготват и спроведат повеќе активности за подигнување на јавна свест на граѓаните. Планираните активностите од проектот целосно се очекува да се завршат до август 2021 година.