Германски уметник признал дека неговата победничка фотографија е создадена од вештачка интелигенција
Берлин – Германскиот уметник Борис Елдагсен одби да прифати престижната награда откако призна дека ја создал победничката фотографија користејќи вештачка интелигенција (ВИ).
Елдагсен изјави дека не ја прифатил наградата за најдобра креативна фотографија, која ја освои минатата недела на Sony World Photography Awards, објави Гардијан.
Победничката слика покажува две жени на различна возраст во црно-бело.
Елдагсен, кој студирал фотографија и визуелни уметности на Уметничката академија во Мајнц, како и во Прага и Хајдерабад, Индија, рече дека е „непослушен“ и сакал да види дали натпреварите се подготвени да ја прифатат вештачката интелигенција, но сметал дека тие не се .
„Ние од светот на фотографијата треба да имаме отворена дискусија. Дискусија за тоа што сметаме за фотографија, а што не. Дали опсегот на фотографијата е доволно широк за да дозволи влез на вештачка интелигенција или тоа би било грешка? Со одбивањето на наградата се надевам дека ќе ја забрзам таквата дебата“, изјави уметникот на својата веб-страница.
Тој рече дека е историски момент што за прв пат вештачката интелигенција освоила награда на престижен меѓународен натпревар, додавајќи го прашањето:
„Колкумина од вас знаеја или се сомневаа дека вештачката интелигенција ја создала сликата? Нешто не е во ред таму, нели?“.
Тој рече дека наградата може да биде доделена на фестивал на фотографија во Одеса, Украина.