Германија ќе добие прва жена шеф на дипломатијата по 150 години


Германската партија на Зелените ја номинираше својата копретседателка, Аналена Бербок, за министер за надворешни работи во следната влада и потврди дека ќе го номинира Роберт Хабек за вицеканцелар и министер за економија, кој исто така ќе биде задолжен за климатската политика, објавија агенциите.

Двете номинации, заедно со оние за другите функции во кабинетот, беа објавени синоќа на почетокот на процесот на консултации со Зелените за ратификација на коалицискиот договор за кој партијата преговараше со Социјалдемократите и Слободните демократи.Бурбок ќе биде првата жена министер за надворешни работи.

Во средата трите коалициски партнери ја претставија својата визија за тоа како Германија може да направи зелена транзиција, како да се забрза дигитализацијата и да се усвојат некои либерални социјални политики. Зелените ја номинираа и Ен Шпигел за министерка за семејството и Штефи Лемке за министерка за животна средина.

Трите партии во својот коалициски договор напишаа како ќе ги распределат владините места. Резултатите од гласањето на Зелените за коалицискиот договор се очекуваат во првиот викенд на декември, во време кога се очекува  и другите партии да го ратификуваат договорот. Ова ќе значи дека социјалдемократот Олаф Шолц ќе ја наследи Ангела Меркел и ќе стане федерален канцелар во неделата што започнува на 6 декември.

 Министерот за надворешни работи Хајко Мас и честиташе на Бурбок за преземањето на функцијата прв германски дипломат. Мас на Твитер напиша дека 151 година по создавањето на оваа функција, дојде време да ја преземе жена.