Германија ја налути Полска, сака да ја врати граничната контрола


БЕРЛИН – Германската влада размислува дали да воведе проверки на границата со Полска со цел да го запре приливот на баратели на азил, но тензичните односи меѓу двете земји – и сега отворениот дипломатски спор – може да ги комплицираат тие планови.

Владата на канцеларот Олаф Шолц е под засилен притисок да го спречи зголеменото ниво на нерегуларна миграција, при што многу баратели на азил сега доаѓаат во земјата преку полската и чешката граница. Официјални лица во Берлин велат дека владата сега разговара со Полска и Чешка за воведување привремени гранични проверки. Но, на политички митинг викендот, Шолц ја поврза актуелната гранична криза со скандалот со давање визи за поткуп што ја потресе антиимигрантската влада на Полска само неколку недели пред националните избори во таа земја. Шолц бараше полската влада да го „разјасни“ наводниот скандал во кој „некои визи се дистрибуирани за пари“.Канцеларот мислеше на неодамнешните обвинувања дека службениците во полските конзулати доделиле илјадници привремени визи, давајќи пристап до ЕУ во замена за мито.

Полскиот министер за надворешни работи, Збигњев Рау возврати на Шолц во објава на Твитер. Забелешките на канцеларот, рече тој, „укажуваат на обид за мешање во внатрешните работи на полската држава и во тековната изборна кампања во Полска“.Рау побара од Шолц „да го почитува суверенитетот на Полска и да се воздржува од изјави кои ги нарушуваат меѓусебните односи“.

Тензиите меѓу Германија и Полска веќе се зголемија среде полската изборна кампања во која полската владејачка партија Право и правда (ПиС) често ја таргетира Германија, вклучително и со барање од германската влада да плати репарации од Втората светска војна. 

Во понеделникот, портпаролката на германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер им рече на новинарите дека можеби е неопходно да се спроведат контроли на полската и чешката граница со цел да се разбијат „криминалните банди“ кои нелегално шверцуваат мигранти во земјата.Околу 204.000 луѓе побарале азил во Германија во првите осум месеци од 2023 година, 77 отсто повеќе од истиот период минатата година. Фридрих Мерц, лидерот на германските десничарски демохристијани, предупреди дека германските општини се „безнадежно преоптоварени“ од приливот.

Во исто време, екстремно десничарската Алтернатива за Германија расте  во анкетите, па дури и централно-левичарските Зелени, дел од германската трипартиска коалициска влада, во последно време го сменија гледиштето и сега бараат построги мерки за ограничување на миграцијата. 

Во понеделникот, портпаролот на Шолц, Штефен Хебестрајт, ја отфрли идејата дека канцеларот се меша во внатрешните работи на Полска. Во исто време, Германија ќе продолжи да ја „притиска“ Варшава да ги расчисти „масовните обвинувања“ во врска со наводниот визен скандал, рече Хебестрајт. Визниот скандал игра само релативно мала улога во поголемите миграциски текови преку полско-германската граница, бидејќи  границите на Германија со Полска и Чешка станаа најпосакувана рута за шверцерите.

И покрај неодамнешната огорченост, разговорите меѓу Германија и Полска за потенцијалното наметнување на гранични проверки се чини дека напредуваат. Фезер има намера да разговара со својот полски колега по телефон оваа недела со цел да се постигне заеднички став, изјави во понеделникот портпаролот на Министерството. (Политико)