Германец веројатен наследник на Лаура Ковеши како главен европски обвинител


Андрес Ритер и Лаура Ковеши

 

Германецот Андрес Ритер се појавува како фаворит на Европскиот парламент за нов европски главен обвинител.

Клучниот Комитет на Европскиот парламент за граѓански слободи, правда и внатрешни работи (ЛИБЕ) гласаше за четирите кандидати за функцијата.

На тајно гласање, Андрес Ритер доби две третини од гласовите – 46, по него Стефано Кастелани (Италија) со 11 гласа, Емилио Улед (Шпанија) – 7 гласа и Ингрид Машл-Клаузен (Австрија) со 4 гласа.

Пред гласањето, одобрените кандидати се претставија на сесија со прашања и одговори со европратениците.

Европскиот парламент сега е подготвен за преговори со Советот на ЕУ за постигнување договор за новиот европски главен обвинител, кој ќе биде назначен за 7-годишен мандат.

Сега главна обвинителка е Романката Лаура Ковеши. Таа беше назначена во октомври 2019 година.

Андрес Ритер се вработил во германското јавно обвинителство во 1995 година и работел во разни јавни обвинителства пред да стане заменик-главен јавен обвинител во сојузната покраина Мекленбург-Западна Померанија во 2008 година.

Од 2010 година, тој раководел со разни јавни обвинителства, неодамна како главен јавен обвинител во специјализираното јавно обвинителство за економски криминал и киберкриминал во Росток од 2013 до 2020 година.

Андрес Ритер е германски претставник во Меѓународното здружение на судии, кое е посветено на принципите на судска независност низ целиот свет, и е член на Комитетот за студии по кривично право.