Герапетритис во жешка мисија во Скопје, ќе седи на иста маса со Сиљановска


 

Грчкиот шеф на дипломатијата Јоргос Герапетритис денес во Скопје ќе се увери лично колку  претседателка Гордана Сиљановска-Давкова го почитува Преспанскиот договор, а грчките медиуми не исклучуваат негова реакција ако со некој гест таа постапи спротивно на очекувањата на Атина.

Иако, според тамошните медиуми на состаниците на Процесот за соработка на Југоисточна Европа нема имиња на државите и знамиња туку стојат само градовите, сепак ќе биде прашање на дипломатска умешност да се биде на иста маса и да нема провокација. Неофицијално грчките медиуми најавуваат можна билатерална средба на  Герапетритис со Сиљановска, но прашање е кога, со оглед на тоа дека шефот на грчката дипломатија пристигнува непосредно пред состанокот и ќе престојува само два часа.  

„Како што станува јасно, во моментов е прилично тешко да се разговара за… добрососедски односи. Индикативно е дека во рамките на ПСЈИЕ не се користат национални симболи (знамиња или амблеми), а учесниците се нарекуваат според името на главниот град. Ако, на пример, денес претставниците на националистичката ВМРО ја нарекуваат својата земја само како ‘Македонија’, сигурно е дека ќе има одговор и дипломатски пресврт. И со Албанија, поради ‘заложништвото’ на Белерис од режимот на Рама, билансите се подеднакво кревки. Како заклучок, секое денешно несогласување се смета за опасно, со оглед на тоа што утре ќе биде разгледана и жалбата поднесена од Фреди Белерис против првата судска одлука по која тој беше осуден. Исклучително е важно албанските власти да стават крај на оваа приказна, за да може избраниот градоначалник на Химара да положи заклетва со останатите европратеници на 16 јули“, се коментира во написот со наслов „Јоргос Герапетритис: Тешка мисија – ќе седне на иста маса со Северна Македонија, Албанија и Турција“, пишува денес  грчкиот портал „Параполитика“. Според медиумот на состанокот „ќе бидат присутни лидерите и неговите колеги од речиси сите земји со кои Грција има отворени сметки: Од Северна Македонија, Албанија, до и од Турција“.

За „Катимерини“ пак очигледно е дека ситуацијата дома не му дозволува на премиерот Кирјакос Мицотакис да оди до Скопје за нешто што во моментов не е приоритет, поради што Грција е избрана да биде претставена на ниво на министер за надворешни работи, а не со лидер. Факт е сепак дека Мицотакис никогаш не најде за потребно да дојде во Македонија дури и пред да се разгори спорот околу Преспанскиот договор, така што никој не ни очекуваше дека тоа ќе се случи.

„До доцна вчера распоредот на Герапетритис беше нејасен. Бидејќи вршителот на должноста министер за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, сѐ уште не е сменет од мандатарот Христијан Мицкоски. Во секој случај, се предвидува дека односите со Северна Македонија ќе бидат проблематични на долг рок, бидејќи се чини дека националистите на ВМРО кои ја презедоа власта сакаат да го поткопаат Договорот од Преспа“, пишува „Катимерини“ за денешниот состанок. 

Во продолжение весникот пишува за објавата на претседателката Сиљановска по повод средбата на македонската дијаспора во Берлин, која однови ги разлути Грците. „Вчерашната објава на претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска, го покажа трендот. Таа вчера од Германија каде што беше ја направи следнава објава: ‘Средба со македонската дијаспора во Германија. Им благодарам за нивниот исклучителен придонес во континуираното унапредување и продлабочување на соработката меѓу Македонија и Германија‘. Како и обично, ‘Северна Македонија‘ во нејзините изјавине постои ниту за примерок. На националистите на Скопје им е сосема јасно дека ќе ја продолжат оваа ‘скриена војна‘ уште некое време, а единственото вистинско прашање што може да се постави е како Атина ќе реагира на ваквото однесување“, стои во коментарот. (Н.В.)