Газдата на Манчестер јунајтед го пофали Фараж и рече дека Британија е „колонизирана од имигранти“


Џим Ретклиф

 

Џим Ретклиф, ко-сопственик на фудбалскиот клуб Манчестер јунајтед, го пофали лидерот на партијата Реформа, Најџел Фараж, и тврдеше дека Велика Британија е „колонизирана од имигранти“.

За време на интервју за Скај њуз, Ратклиф – британски милијардер кој го поддржа „Брегзит“, а потоа го смени својот даночен престој во Монако во 2020 година – се пожали на состојбата на британската економија и ја префрли вината на луѓето на социјалните бенефиции и мигрантите.

„Ако навистина сакате да се справите со главните проблеми на имиграцијата, на луѓето кои земаат социјални бенефиции наместо да работат за живот, ќе мора да правите работи што се непопуларни и да покажете храброст“, рече тој.

Ретклиф, кој го стекна поголемиот дел од своето богатство од околу 17 милијарди евра во хемиската индустрија со својата компанија „Инеос“, изјави за Скај дека неодамна се сретнал со Фараж, но не го поддржал да стане премиер наместо актуелниот Кир Стармер.

„Мислам дека Најџел е интелигентен човек и мислам дека има добри намери“, рече Ратклиф. „Но, на некој начин, би можеле да го кажете истото и за Кир, кога Кир дојде. Мислам дека е потребен некој што е подготвен да биде непопуларен одреден временски период за да ги реши големите проблеми“.

Порано во интервјуто, Рeтклиф тврдеше дека Британија е „колонизирана од имигранти“, наведувајќи бројки кои не се точни.

„Не можете да имате економија со девет милиони луѓе кои примаат социјална помош и огромни нивоа на имигранти кои доаѓаат“, рече тој. „Мислам, Велика Британија е колонизирана. Тоа чини премногу пари“.

„Велика Британија е колонизирана од имигранти, навистина, нели? Мислам, населението на Велика Британија беше 58 милиони во 2020 година, сега е 70 милиони. Тоа се 12 милиони луѓе“.

Иако има големо зголемување на нето миграцијата откако Велика Британија ја напушти ЕУ, бројките не се толку значајни како 12 милиони за четири години. Како што посочи Скај во својата статија, населението на Велика Британија, всушност, беше 67 милиони во 2020 година. Не е толку ниско како 58 милиони од 2000 година.

Стармер возврати на коментарите на Ратклиф, нарекувајќи ги „навредливи и погрешни“ во објава на социјалните мрежи и повикувајќи го да се извини. „Велика Британија е горда, толерантна и разновидна земја“, се вели во неговиот пост на Икс.

Ретклиф денеска се повлече од коментарите и рече дека му е жал што неговиот коментар за миграцијата „навредил некои луѓе“, но нагласува дека е потребно „отворена дебата“ за темата

„Жал ми е што мојот избор на јазик навредил некои луѓе во Велика Британија и Европа и предизвикал загриженост, но важно е да се покрене прашањето за контролирана и добро управувана имиграција што го поддржува економскиот раст.

Моите коментари беа дадени додека одговарав на прашања за политиката на Велика Британија на европскиот индустриски самит во Антверпен, каде што дискутирав за важноста на економскиот раст, работните места, вештините и производството во Велика Британија“, рече тој.