Гаши во Вашингтон се сретна со спикерот на украинската Врховна рада


 

На маргините на Парламентарниот самит на НАТО во Вашингтон,  претседателот на Собранието, Африм Гаши, се сретна со спикерот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.

Честитајќи му го изборот за претседател на Собранието, претседателот Стефанчук се заблагодари за доследната поддршка на Северна Македонија за Украина и за сите украински иницијативи, за нашето приклучување кон санкциите на Европската унија против Русија, како и за поддршката на „Формулата за мир“ предложена од претседателот на Украина. Тој нагласи дека народите на Украина и Северна Македонија се многу блиски, имаат слична историја и споделуваат заеднички цели за членство во ЕУ.

Осврнувајќи се на руската воена агресија од големи размери на територијата на Украина, претседателот Стефанчук ја информираше Делегацијата, во која е и заменик-шефот на Делегацијата на Собранието во ПС НАТО, Миле Талевски, за бруталниот напад на Русија врз детската болница во Киив, при што има 29 цивилни жртви и огромен број повредени деца и медицински персонал.

Гаши изрази сочувство за жртвите во детската болница и ја пренесе цврстата и непоколеблива поддршка на нашата земја за Украина на сите полиња и потенцираше дека РС Македонија, народот и нејзините највисоки државни институции уште од самиот почеток на воениот конфликт силно ја осудија руската агресија против Украина. Гаши го покани својот колега Стефанчук, доколку во овие вонредни околности тоа е можно, да ја посети Македонија.