Гаши нема толку гласачи колку скандали, зошто Мицкоски го спасува ?
Интервенирал ли специјалистот за гранични премини, Африм Гаши, да се пропушти без контрола и пребеганиот Косовец обвинет за воени злосторства, Блерим Рамадани?
Веќе пет дена трае скандалот со претседателот на Собранието Африм Гаши, а тој никако да излезе во јавноста и да објасни како си дозволил таква свадбарско-политичка авантура во Косово. Ниту криењето на Гаши, ниту обидите на неговата коалиција, на ВМРО-ДПМНЕ и на спинери поединци да ја дефокусираат јавноста од оваа тема, сепак, не даваат резултат и јавноста бара епилог или, поточно, бара оставка од спикерот, кој за два месеци на функција покажа дека нема институционален капацитет, па ни образ да биде втор човек во државата.
Со оглед на тоа дека на 3 септември е закажана интерпелација за Гаши по барање на партијата Левица, прашањето што се поставува сега е – ќе го пушти ли ВМРО-ДПМНЕ низ вода коалициониот партнер, а поврзано со тоа и прашањето – ќе го пушти ли Гаши низ вода и Вреди, бидејќи откако влегоа во власта им го урна целиот имиџ што сакаа да го градат како нов албански политички фактор?
Иако МВР на Панче Тошковски најде друг виновен за самоволието на претседателот на парламентот, во соопштението се протна една реченица која сугерира дека е можно да му го свртат грбот од ВМРО-ДПМНЕ, ако не е намерно пратен сигнал за смирување на јавноста.
Повикувајќи ги граничните органи да ја „одбијат секоја незаконска наредба и непринципиелно барање“, министерот Панче Тошковски, а преку него ВМРО-ДПМНЕ, практично кажаа дека такво било однесувањето и на Африм Гаши, како и на тие што му го овозможија излегувањето.
Од Вреди, пак, и натаму се мачат да најдат пример на злоупотреба како неговиот, а бидејќи не успеваат, сега се жалат на притисоци за етничко обезличување и на непринципиелност на коалициониот партнер ЗНАМ. Практично, посипувајќи се со пепел уште повеќе – бидејќи мешаат баби и жаби, и бидејќи бараат во име на некаква коалиција сите да молат за незаконско и неетичко однесување на нивен функционер.
Граѓаните немаат дилема и јасно лоцираат во што е проблемот: Што ако Гаши реши да оди за викенд во Грција со семејството? Ние ли ќе му го плаќаме бензинот нему и на обезбедувањето? Што ако сите високи функционери одат на свадба во странство со по шест коли, од кои три за обезбедување? И тоа ли е – сѐ по закон?
Јасно е дека ваквите прашања се брцање со прст на функционерите во око кои не сакаат да си ги жртвуваат привилегиите што им ги носи фотелјата, меѓу кои и користењето службени автомобили. Но, она што му дава дополнителна тежина на целиот скандал е фактот дека Гаши, откако еднаш интервенираше и ја злоупотреби својата функција и своето обезбедување и притоа направи скандал на Аеродромот Петровец, истото тоа го направи и по вторпат, овојпат обезбедувајќи си себеси и на целото семејство да поминат без контрола и без процедура на граничниот премин Блаце.
Практично испадна дека политичка специјалност му се изигрувањето на правилата за преминување на гранични премини, а не јакнење на нивната функционалност.
Испадна, исто така, дека Гаши нема толку гласачи колку што има резервни одработувачи на функции кои, на негово барање или интервенција, се подготвени да прекршат која и да е законска процедура во Македонија. Тоа го прави легитимно барањето на СДСМ да се истражи кој се ја поминувал и како ја поминувал границата со Косово изминатиот период и која е гаранцијата дека со ваква „партизација и приватизација“ на границата, низ неа не поминува дрога, оружје и други недозволени работи.
На крајот на краиштата, се отвора и прашањето – интервенирал ли специјалистот за гранични премини и за пропуштање без контрола и на пребеганиот Косовец обвинет за воени злосторства, Блерим Рамадани, бидејќи никој не објасни сѐ уште како успеал за еден ден да се најде на Косово и да се фотографира испраќајќи ни поздрави.
Прашања има толку многу, што се во право сите оние кои оценуваат дека Вреди станува камен околу вратот на ВМРО-ДПМНЕ и дека оваа партија, како СДСМ заради ДУИ, на крајот ќе ја плати политичката цена за самоволието – незаконско или неетичко. Без оглед што премиерот Христијан Мицкоски со патувањето во САД со синот и со бизнис класа на некој начин даде зелено светло за вакво однесување, гревовиве на Гаши сега се премногу за да се реши проблемот без негова политичка одговорност, уште повеќе што се случија за многу краток период и јавноста не само што му ги памети, туку и му ги брои.
ВМРО-ДПМНЕ треба да знаат дека времињата се сменија и глумењето одговорност веќе тешко проаѓа, како што не траеше ни два дена обидот да се префрли вината на раководителот на смена, а неа да ја утврдува – токму тој што интервенирал Гаши и свадбарите да излезат и да влезат во државата како да нема гранична контрола, како да нема граница и како да нема две држави – туку со тоа да суспендираат.
Ако се потврди ова, најскандалозно во целиот случај, освен обемот на обезбедувањето, е дека Гаши знаел дека тоа што го прави е надвор од процедурата, поради што си викнал послушник функционер да му ја испразни границата. Зошто им било проблем да се легитимираат и зошто морале да интервенираат, кој се поминал со нив и со што? – се прашања на кои сега, и да сака да одговори, никој нема да му верува. Настрана што се поставува прашањето дали со овој потег Гаши практично не прати и политичка порака дека не ја признава границата меѓу Македонија и Косово или мисли да ја избрише во иднина ако, не дај боже, добие повисока функција во државава? И, вака ли ќе ја поминуваат од Вреди границата кога ќе одат во Косово, бидејќи мислат дека со функцијата ја добиле и неа во приватна сопственост?
Ако не може да се справи со албански коалиционен партнер што прави злоупотреби, а власта од него не му зависи, како мисли лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да го продава натаму на граѓаните тврдењето за слугувањето на СДСМ на ДУИ, без кои нивната влада веднаш ќе паднеше и да ги уверува своите гласачи, а не тие на опозицијата, дека ќе им стави крај на уцените од албанските коалициони партнери?