Гаши: Косово е родно место и татковина на моите родители
Новиот спикер на парламентот Африм Гаши се дообјасни околу изјавата наводно дадена за косовски медиум дека негова татковина е Косово.
„Во однос на прашањето за мојата татковина, свесен сум за обвинувањата и искривувањата од различни медиуми кои се обидуваат да привлечат внимание. Како претседател на Собранието на сите граѓани на Република Северна Македонија, сакам да појаснам дека Африм Гаши е роден во Скопје, каде живее и работи со своето семејство, а негова татковина е Северна Македонија“, вели Африм Гаши во објавата на неговиот фејсбук-профил.
Тој додаде дека неговата точна изјава во интервјуто била дека „Косово е родно место или татковина на неговите родители и дека тој го почитува како такво заради нив“.
Инаку Гаши одговори на следното новинарско прашање: „Имајќи предвид дека вашето потекло е од Косово, колку сте запознаени со случувањата во Косово и со животот на граѓаните на Косово?“
„Верувајте, до деведесеттите ние немавме никаква разлика. Кога се поставија административните граници, луѓето родени по деведесеттите можеби и не можат да го разберат ова, но за мене Косово е мојата татковина, местото каде се родени моите родители и сочувствувам со сѐ што се случува во Косово. Нема ниту еден процес, политички, економски или општествен што не го следам таму и го следам со многу внимание, како да сум од таму,“ одговара Гаши.