Гаши доби преставка заради заклетвата дадена прво на албански јазик
Пратеничката и министерка за култура во заминување Бисера Костадиновска-Стојчевска поднела претставка до Секторот за инспекција при Министерството за култура по гестот на Африм Гаши, како новоизбран спикер на Собранието, заклетвата да ја прочита прво на албански, а потоа на македонски јазик.
– Законот за употребата на македонскиот јазик е резултат на нашите заложби и политики за афирмација и правилна употреба на македонскиот јазик. Не може и не смее да се премолчи скандалозно дадената свечена заклетва, од, сега првиот човек на македонското Собрание. Затоа веќе поднесов претставка до Секторот за инспекција при Министерство за култура и понатаму ќе ги користам сите механизми кои се во моментов на располагање за заштита и начинот на употреба на македонскиот јазик. Очекував дека и сегашната претседателка на државата Сиљановска-Давкова со која тогаш во улога на пратеник заедно го доусовршувавме текстот на Законот за употреба на македонскиот јазик ќе реагира на ваквото однесување и дека најостро ќе го осуди чинот на недавање свечена заклетва на првиот официјален јазик во државата – вели Костадиновска-Стојчевска.