(Галерија) Со „апсолутна власт и апсолутна забава“ до солзи на 29.Златна Бубамара

Годинава централниот тон повторно го дадоа Тино и Атанас, кои ја водеа вечерта со шеги што не се кријат зад алузии, туку отворено ја гаѓаат концентрацијата на моќта и јавната атмосфера што ја живееме


Во духот на политичкиот амбиент и побарувачка на карта повеќе, годинашната 29. „Златна бубамара на популарноста“, во малку временски потскратено издание и без Сашко Коцев (бил на снимање во Белград), влезе во нова ( светска) фаза, но со старите амбиции и под мотото „„Апсолутна власт – апсолутна забава“.

Златна бубамара е феномен кој не може да се раскаже низ текст и низ фотографии,  не може со зборови да се пренесе  спектакуларната атмосфера и уживање, сето смеење до солзи, спонтаните досетки на водителите, настапите на домашни, регионални и светски ѕвезди, светските звук и светлосни ефекти, кој со кого дошол, кој што облекол, кој со кого се сликал или направил селфи. Во моментот се заборава колку тешко се доаѓа до карта, како е тешко да најдеш паркинг околу „Борис Трајковски“, или такси по полноќ, се до моментот кога ќе почне најавната шпица и на сцена ќе се појави првиот човек на „Бубамара“, Ранко Петровиќ за да го најави почетокот.

…И следните три ипол часа, следеше врвна забава како терапија за македонската публика, зашто „Бубамара“ одамна не е само настан на најдобрите во изминатава година, туку годишно огледало на популарната култура, во кое на една сцена се собираат музика, театар, телевизија, спорт и јавни личности, но и сатира на актуелниот политички момент  (кој сите го чекаме).

Годинава централниот тон повторно го дадоа Тино и Атанас, кои ја водеа вечерта со шеги што не се кријат зад алузии, туку отворено ја гаѓаат концентрацијата на моќта и јавната атмосфера што ја живееме. Нивниот настап, според реакциите од салата, беше еден од клучните моменти на вечерта и практично го оправда мотото уште во првиот дел од програмата дека „ќе зборуваме само за убави работи, како што сака премиерот, ќе зборуваме за Марјана Станојковска, за Вера Мештеровиќ“, рече актерското дуо, а “на удар на нивните шеги се најдоа  и Груевски, Заев, Ѓорѓиевски, Љутков“, „Сејф сити“…

Публиката со нетрпение го очекуваше и настапот на Игор Џамбазов како ководител кој повторно брилјираше во таа улога, а имаше и една тажна , која не заболи до срце. 

Владо Јаневски ја промовираше новата песна, а го најави хрватската колешка Весна Писаровиќ, со која пред 18 години сними дует

Музичкиот дел и овој пат беше на исклучително високо ниво,  засилено со регионални ѕвезди како Весна Писаровиќ, Александра Радовиќ, Жера од „Црвена јабука“, новиот музички идол од Хрватска кој ги полни арените, Јаков Јозиновиќ, британскиот бенд  Delegation, како и американската соул-легенда Марта Хај,..

„Бубамара“ донесе и легенда од ексјугословенската поп-рок сцена, па Дражен Жериќ-Жера во име на групата „Црвена јабука“, која слави 40 години кариера, доби награда за трајни вредности

Наградите, очекувано, беа втората силна оска на настанот. Меѓу забележаните признанија се најдоа Владо Јаневски (пејач на годината), Калиопи (пејачка на годината), хитот „Води ме“ на Калиопи и Слаткаристика, Тони Зен како најпопуларен хип-хоп артист, Владимир Четкар како најпопуларен џез артист, како и награди и признанија за Марта Хај, Delegation, Круме Спасовски, Васко Ташковски, Снежана Конеска Руси и други имиња од различни генерации и жанрови. (Л.С.)

Фото: Горан Десковски

Александра Радовиќ и Катарина Ивановска
Американската соул ѕвезда Марта Хај, која 34 години му беше придружен вокал на Џејмс Браун
Цела сала беше на нозе на настапот на легендарната британска соул, фанк и диско група „Делегејшн“
Наградата за трајни вредности на музичарот Дамир Имери му ја додели Влатко Стефановски, а неговиот син, пијанистот Дино Имери, отсвире негово дело
Пееше и новата регионална поп-ѕвезда Јаков Јозиновиќ и доби награда за откритие на годината
Награда за хит на годината добија Слаткаристика и Калиопи за дуетот „Води ме“
Кошаркарот Владо Илиевски беше бурно пречекан, а наградата за спортска легенда им ја посвети на двајца струмичани, неговиот татко и претседателот Борис Трајковски

Настапи и фолк-пејачот Круме Спасовски и доби награда за трајни вредности
Струмичанката Тина Русева, која живее во Германија, а победи на шоуто „Гласот на Европа“