(Галерија) Скопјани со почит кон Голема Богородица – денот кога таа се вознесе на небото
Поради големиот култ што го има мајката Божја меѓу верниците, овој празник се празнува со големи народни собири
Православните верници во земјава денескаво голем број ги посетија црквите да оддадат почит кон големиот празник Успение на Пресвета Богородица, попознат кај народот како Голема Богородица, особено во оние кои го носат нејзиното име.
Од повеќето празници посветени на пресвета Богородица овој е еден од најзначајните. Затоа народот овој празник го нарекува уште и Голема Богородица.
Со еден од најголемите христијански празници се одбележува земниот крај на Пресвета Богородица, денот кога таа се вознесе на небото и го предаде својот дух во рацете на Спасителот. Во сите храмови на МПЦ-ОА, особено во оние кои го носат нејзиното име, денеска се одржуваат празнични богослужби.

Празник на мајката на животот Именден празнуваат: Марија, Мара, Марена, Марица, Марјан, Маријана… Меѓу дванаесетте големи христијански празници спаѓа и празникот Успение на Пресвета Богородица, во народот попознат како Голема Богородица. Поради големиот култ што го има мајката Божја меѓу верниците, овој празник се празнува многу свечено со големи народни собири.

Меѓу позначајните празници што македонскиот народ ги празнува со посебно внимание се и неколкуте празници на Пресвета Богородица, мајката на Спасителот Исус Христос. Поради тоа и повеќе цркви низ цела Македонија го носат нејзиното име.

Народот верува дека Богородица е заштитничка на леунките и на жените им помага при породувањето. Исто така и жените што немаат деца веруваат дека со милоста на Пресвета Богородица ќе добијат рожба поради што ги посетуваат нејзините цркви, изведуваат некои обичаи, се молат и принесуваат дарови. Македонскиот народ со повеќе свечености, но и со народни собири, панаѓури и слично, што траеле и по неколку денови ги прославувал празниците на Пресвета Богородица како што се: Мала и Голема Богородица, Собор на Пресвета Богородица, Воведение на Пресвета Богородица (празник познат уште и под името Света Пречиста), Свето Благовештение, Богородичин појас, Покров на Пресвета Богородица, и сл. По раѓањето на Исус, Богородица живеела уште 48 години, извесен период кај старателот Јосиф, со синот Исус, а по неговото распетие и воскрeсение кај неговиот ученик и апостол свети Јован Богослов. За сето тоа време таа била директен сведок на многу важни настани што се од значење за христијанската црква.

Во македонските цркви и манастири можат да се сретнат прекрасни претстави на настанот што црквата го слави денес. Обично се наоѓаат над влезната западна врата на црквата.

Инаку, самиот збор успение значи заспивање; поинаку кажано, не се слави смртта, туку христијаните го празнуваат вознесувањето на Богородица во небесните живеалишта.
Погледнете низ фотографиите на нашиот фотограф Борис Грданоски, како скопјани го прославија овој празник во храмот посветен на овој ден.














Богородица се смета за заштитничка на сите христијани и на градот Скопје. Традиционално, масовен црковно-народен собир се одржува во манастирот во Долна Матка. Во манастирот во Матка, традиционално има вечерна литургија, полноќно бдеење и утринско чествување.
Денот е неработен за сите православни христијани.
Честитки по повод празникот денеска пристигнаа од претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, од премиерот Христијан Мицкоски, од политичките партии, како и од другите политичари.