(Галерија) Ракети паѓаат, но животот во чаршијата во Техеран си тече како секој ден
Техеранците како да сакаат да кажат – војната веројатно уште ќе трае, но и животот, и покрај ракетите и бомбите
Нападите со бомби и ракети од САД и Израел врз Техеран не престануваат, но Иранците изгледа се трудат загриженостите да ги сведат на што е помало можно ниво. Фотографиите што денеска ги објави Ројтерс од Таџриш Чаршијата во Техеран покажуваат тезги полни со најразлични производи, а и многубројни купувачи. Чаршијата е прополна и поради прославата на Новруз, иранската нова година.
Она што е впечатливо е дека речиси сите жени на фотографиите не носат хиџаб, ниту каква и да е шамија. Сите тие изгледаат многу модерно, европски. Техеранците како да сакаат да кажат – војната веројатно уште ќе трае, но и животот, и покрај ракетите и бомбите.
Додека Трамп зборува за преговори со Иран, разговаравме со високи извори во Техеран за тоа што би вклучувале барањата на Иран.




Во исто време Ројтерс пишува дека три високи извори ѝ кажале на агенцијата дека преговарачкиот став на Иран нагло се зацврстил откако започна војната.
Со оглед на тоа што Револуционерната гарда има растечко влијание врз донесувањето одлуки, Иран ќе бара значителни отстапки од Соединетите Држави ако напорите за медијација доведат до сериозни преговори, велат изворите.
Во какви било разговори со САД, Иран не само што би барал крај на војната, туку и отстапки што веројатно се црвени линии за Трамп.
Тие би вклучувале гаранции против идни воени дејствија, компензација за загубите во војна и формална контрола на Ормутскиот теснец, велат изворите.
Иран, исто така, би одбил да преговара за какви било ограничувања на својата програма за балистички ракети, рекоа тие, прашање што беше црвена линија за Техеран за време на разговорите што се водеа кога САД и Израел го започнаа својот напад минатиот месец.
Трите високи извори изјавија дека Иран имал само прелиминарни разговори со Пакистан, Турција и Египет за тоа дали постои основа за разговори со САД за завршување на војната.
Пакистански функционер и втор извор, исто така, во понеделникот изјавија дека директни разговори за завршување на војната би можеле да се одржат во Исламабад оваа недела.
Доколку се договорат такви разговори, Иран ќе ги испрати претседателот на парламентот Мохамед Бакер Галибаф и министерот за надворешни работи Абас Аракчи да присуствуваат, рекоа трите ирански извори, предупредувајќи дека сите одлуки на крајот ќе паднат на тврдокорната Исламска револуционерна гарда.