(Галерија) Камионџиите ги вклучија сирените против акцизата


Долга колона од камиони, автобуси, комбиња со вклучени сирени на пладне помина низ Скопје со што транспортерите протестираа за дополнителната акциза од три денари на горивата. Протестот беше организиран од асоцијацијата „Макамтранс“, а беа присутни возила од повеќе градови во Македонија. Превозниците бараат поддршка за транспортниот сектор кој е меѓу најпогодените од корона кризата.

Наместо зголемената акциза, тие бараат да се воведе прогресивен данок на доход за сите стопански и нестопански дејности.

Протестот на „Макамтранс не го поддржа СИЗ Македонија сообраќај АМЕРИТ, чии членки, како соопштија оттаму во најголем дел оцениле дека тоа нема да помогне за излез од економската криза поради коронавирусот.

Инаку, Министерството за финансии вчера попладне ја објави Анализата на акцизите на горивата и предлог анти-кризна мерка во насока на справување со последиците предизвикани од Ковид-19 во која објаснува зошто е донесена мерката. Од една страна, цените на горивата кај нас се најевтини во регионот, а исто така износот на акцизата. Од друга страна, од избивањето на здравствената криза, значително е намалена потрошувачката на горива, па во Буџетот се намалени и приходите по основ на ДДВ.

„Во нашата земја имаме и најниски износи на акцизата за дизел горивото во регионот и во ЕУ. За споредба акцизата во Србија е повисока за 14,5 денари за литар, во Косово е повисока за 7 денари за литар, во Албанија за 2,7 денари за литар во Грција за 10,1 денари за литар, а во Бугарија за 5,2 денари за литар. Во однос на минималната акциза пропишана во земјите членки на ЕУ утврдена на износ од 330 евра за 1.000 литри дизел гориво, нашата земја повторно е со најнизок износ од 245,7 евра за 1.000 литри. Исто така понизок износ има и Албанија со износ од 290 евра за 1.000 литри и БиХ со износ од 280,6 евра за 1.000 литри“, се вели во анализата.

Понатаму се додава дека и кај ДДВ исто така сме со најниска стапка од останатите земји во регионот. Пониска стапка од 17 отсто за ДДВ има само Босна и Херцеговина. Нашата земја по тој основ остварува најмал приход од ДДВ за дизел горивото од само 8 денари за литар, додека сите останати земји се над 10 денари за литар. Во делот на поврат за акцизата за дизел горивото користено во транспортни цели, износите за поврат на пример во Србија е 4,65 денари за литар при акциза од 29 денари за литар, во Хрватска е 5,1 денари за литар при акциза од 25,4 денари за литар, во Словенија 3,86 денари за литар при акциза од 28,9 денари за литар, а во Унгарија само 0,64 денари за литар при акциза од 20,5 денари за литар. Доколку и овие износи се вкалкулираат во износот на акцизите за дизел горивото, повторно нашата земја има најнизок износ на акциза за дизел горивото во регионот и пошироко, стои во анализата.

Долгата колона возила со вклучени сирени за момент го оттргна вниманието на граѓаните од здравствената криза и мерките за ограничено движење, што со својот објектив го регистрира нашиот фоторепортер Борис Грданоски.