(Галерија) Јована Филиповиќ со нова капсулна колекција
Македонската модна дизајнерка Јована Филиповиќ има нова капсулна колекција, во соработка со колешка од Турција – Ајбуке Баркчин.
– За жал сè уште не сме во можност да правиме физички презентации, но тоа
не нè спречува да ги презентираме на поинаков начин – вели таа.
Во продолжение погледнете дел од моделите од најновата колекција на Филиповиќ .
-Lucid Dreams in Torn Realities-новата колекција на Јована Филиповиќ во соработка со Ајбуке Баркчин претставува олицетворение на едно пријателство, кое доведе до соработка, каде и двајцата креативци решија да размислат за разорните ефекти на пандемијата и да претстават колекција што ја потенцира важноста на сонувањето и младешката фантазија.
Женственоста, функционалноста, елегантноста и препознатливиот монохроматски израз на Јована Филиповиќ, овој пат е надополнет со енергијата и уметничкиот израз на Ајбуке Баркчин, која се јавува како ко-дизјанер/соработник на колекцијата.
Своето искуство Баркчин го гради најпрвин во Турција, студирајќи меѓународни односи и графички дизјан, а потоа го надоградува знаењето во Америка, Франција, Хонг Конг и на крај во Италија на факултетот за мода – Полимода, каде што и се спојуваат патиштата со Јована и веќе истата година почнуваат да соработуваат на неколку проекти.
Токму тоа пријателство е и почетната инспиративна точка на Капсулната Колекција за Есен/Зима 2021, и обидот да се трансформираат нивните две тотално различни креативни енергии во еден хомоген приказ.
Втората инспирација е спој од книгата на Lewis Caroll – Алиса во земјата на чудата и Јапонското Аниме – Paprika, базирано на новелата на Yasutaka Tsutsui.
Колекцијата содржи вкупно 18 изгледи, и секој изглед по себе носи некоја приказна раскажана или прераскажана во вид на форма, идеја, порака или принт.
Принтовите на црвената кошула се реинтерпретација на неколку верзии од најпознатите приказни на Дизни, прераскажани и претворени во ”реални” приказни, со цел да илустрира како може да изгледа ”растргнат” животот кога се напушта чинот на сонување.
Црвените рози кои се јавуваат како принт на кошулите црпат инспирација од средбата на Алиса со кралските градинари кои ги бојат белите рози во црвени, и истовремено се референца на еден вид ескапизам и создавање на своја нова реалност, спротивставувајќи и се на природата.
Плисираната јарко плава свилена сукња, носи референца од познатата плава боја на Walt Disney, која буди сеќавање на младост, наивност и бајковитост.
Чувството на топлина е присутно во кадифените парчиња, кои го опкружуваат телото како да се буди од сон. Добро скроените парчиња со цврсти и дефинирани јаки се тука да го заштитат телото, и да изразат моќ и сила. Елемент на разиграност е пренесен преку боите, како и по неочекуваниот стајлинг.
Сите изгледи се надополнети со модни додатоци, ланчиња – чокери и алки кои имитираат трње и рози. Како и синџири кои претставуваат симболична референца за прицврстување и втемелување во новата реалност.